Мерлинка бремена во досега необјавени фотографии!

17 февруари 2017

Монро 6 е групата на млади фотографи кои ја следеле во чекор Мерилин Монро секаде каде што ќе се појавела. Една од нив била Фрида која живеела и работела во Њујорк.

Нејзините фотографии се последни во низата вести за необјавени фотографии на Монро. Како вработена во Пен Ем, Фрида можела да ја следи во чекор Монро, оти знаела кога патува со авион и каде ќе престојува.

Фрида ќе рече дека се зближувала со нејзиниот мејк ап артист, фризер, стилист и на тој начин добивала дополнителни информации.

Но, после смртта на Мерлинка, оваа фотографка ќе изјави дека нема никогаш да профитира од нејзините фотографии, токму поради фактот што била верен обожавател до крајот на нејзиниот живот. Нејзиниот сосед пред смртта на Фрида, ќе ги откупи овие необјавени фотографии.


Фрида заедно со уште пет млади момчиња толку многу ќе се опседнати со неа, што Мерлинка ги запознава, па дури и ги кани кај неа на гости во заедничкиот дом што го имала со драмскиот писател Артур Милер во Конектитат.

По таа средба таа се зближува со оваа група млади луѓе. Кога доаѓала во Њујорк имала обичај да им се јави, ставала марама на глава, темни очила и излегувала со нив на прошетка. Не можеле никако поинаку да се дружат на јавни места ако не била Мерлинка сосема замаскирана, бидејќи според нивните сведоштва ако почнале да ја распознаваат по улица, едвај се движела. Ја нарекувале Мејзи и било кодно име во комуникација со нив, така што и никој не знаел дека зборуваат за неа и со неа за време на нивните дружби. Во суштина таа со нив била едно големо дете, спортувала  во Централ парк со нив, возеле велосипед заедно, седела на клупа. Сите оние вообичаени работи што таа немала можност да ги прави во слободно време без никој да ја препознае.


Фотографиите на Фрида се направени за време на снимањето на филмот , „Let's Make Love“ во режија на Џорџ Кјукор, каде партнер и бил францускиот актер Ив Монтан. За време на оваа соработка ќе имаат љубовна афера, за која подоцна ќе дознаат и нивните сопружници Милер и Сињор. Години подоцна самиот Монтан ќе признае дека не можел да одолее на Монро иако бил луд по својата жена, но ете се вљубил во Мерлинка, а и кој не би бил.


Фотографиите се значајни по тоа што Мерлинка е бремена во овој период и се единствените каде се гледа стомачето, а таа пак е пресреќна.

Фрида ќе каже дека Мерлинка го загубила бебето како последица од стрес, нервен шок, но исто така ќе открие дека бебето било плод на љубовта помеѓу Мерлин и Ив Монтан .

Но, ќе додаде дека Мерлинка никогаш докрај не и одговорила на прашањето дали било абортус или последица на стресниот период.

Две години после оваа тажна случка Монро умира под се уште неразјаснети околности на 36 годишна возраст.

 

Објавено:
17 февруари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.488 пати
Извор: 
DailyMail