Млади уметници цртаа графити инспирирани од Планета на мајмуните пред Сити Мол

25 јули 2014

Креативните Хром и Микс вчера од 16 до 17 часот цртаа графити пред трговскиот центар Сити Мол инспирирани од ултра популарниот филм „Планета на мајмуните – Револуција“.

Настанот во организација на скопското кино Синеплекс и дистрибутерската куќа MCF MKD што го донесе филмот низ кината во Македонија, дефинитивно беше уште еден доказ дека и ние знаеме да уживаме во светските кино хитови.

„Во моментов, „Планета на мајмуните – Револуција“ е најгледан филм во светот, со заработувачка од 73 милиони долари во првата недела на прикажување. Ние очекуваме многу од филмот, очекуваме и голема посетеност и кај нас. Премиерата се случи на 17 – ти јули во скопското кино Синеплекс, а досега, посетеноста на овој филм и во Скопје е неверојатно голема и тука дефинитивно зборувам за бројки што не се карактеристични за летниот период“, вели Јулијана Ивановска – ПР на компанијата MCF MKD.

Со неа позборувавме и за тоа каква е културата на гледање филмови во кино и дали воопшто има некое подобрување во изминатиов период.

„Па, јас се надевам дека таа ќе биде подобра. Во моментов е добра, но навистина очекувам да биде подобра. Тука зборувам не само за филмската уметност, туку и за уметноста во секој поглед во нашата земја. Мислам дека оваа научна фантастика како жанр повеќе ги доближува луѓето само заради ефектите што им се овозможени. Можеме да забележиме дека луѓето сѐ почесто сакаат да доаѓаат и да гледаат 3Д ефекти, а најчесто такви се филмовите од жанрот научна фантастика, па според тоа некако најинтересни мислам дека им се тие“, појаснува Јулијана.

Дека ова лето навистина ќе биде забавно, барем кога станува збор за кино премиерите, ни потврди и Јулијана која најави многу нови премиери за следниот период.

„Она што е следно во однос на премиерите, се филмовите „Two Men in Town“, „Zulu“ со Орландо Блум, „The Maze Runner“, како и „Kingsman: The Secret Service“, а за сите очекуваме навистина голема посетеност, со оглед на тоа што станува збор за многу добри филмови“, вели Јулијана.

За културата на цртање на графити, поразговаравме со едно од момчињата што ги изработуваа одличните цртежи пред Сити Мол.

„Јас со ова се занимавам од 96 – тата година, уште две години и ќе правам јубилеј од 20 години, додека Микс црта некаде околу пет години. Како и секоја супкултура, на секои 3, 4 години доживуваме некои „пикови“. Некогаш има поголема заинтересираност, додека некогаш истата стагнира. Стандардно, постојат околу 50 – тина луѓе во цела Македонија што се занимаваат со ова. Секогаш постојат легални и нелегални ѕидови за цртање, како што е случај и секаде низ другите земји. Ние како група се трудиме да цртаме барем еднаш неделно, но кога станува збор за организирани настани, дефинитивно недостасуваат такви работи кај нас. Не е толку лесно да се организира таков настан и јас најчесто и не се нафаќам да организирам бидејќи е потребен цел тим на луѓе што ќе го осмислат и ќе застанат позади тоа. Ако нешто организираме, јас секогаш сакам тоа да изгледа супер, а за тоа треба да ни бидат овозможени материјали за работа“, вели Хром.

За тоа до каде таа култура е стигната кај нас во Македонија и за тоа каква порака испраќаат со таквиот вид на цртежи, Хром вели:

„Цртањето графити сѐ уште е супкултура и јас се надевам дека ќе остане така, доколку мене ме прашувате. На почетокот можеби постоеше некаква порака кон другите луѓе, некаков детски крик, несогласување со системот, но по повеќе од 15 активни години, веќе не се грижам за останатите луѓе, не сакам да пренесувам некаква порака, едноставно го пишувам моето име, моите букви и секој што сака да работи, да црта графити, може да дознае нешто повеќе за нас и да се занимава со тоа“, вели за крај креативниот уметник Хром.

Објавено:
25 јули 2014
Категорија: 
Култура