МНТ една година подоцна...

9 декември 2014

„Колку е блиску сонцето“  е првата реплика што актерката Вера Вучкова во далечната 1945 година ја изговорила кога Македонскиот народен театар првпат бил отворен во Скопје. Во земјотресот овој објект беше срушен, а точно пред една година повторно како феникс се издигна на старото место. Во новиот МНТ, пред една година актерот Петар Темелковски ја изговори легендарната - „Запишано е од Ерусалим за Македонија ќе појдеш“, репликата од првата поставена претстава „Вечната Куќа“ во новиот театар.

Токму по тој повод, една година постоење на МНТ и една година од првата премиера на новата сцена изминатиов викенд се организираше театарски маратон за да се прослави овој значаен датум. Публиката можеше да ужива во проекцијата на четири претстави. Маратонот започна со култната „Госпоѓа министерка“, за која се бараше карта плус, потоа следуваа „Сомнително лице“, „Свадбата на Фигаро“ и „Изгубени Германци“.

После проекциите на претставите имаше организирано поетска вечер посветена на Блаже Конески, првиот драматург во МНТ, а веднаш потоа во делот насловен „Чај за двајца“ театрологот и професор на Факултетот за драмски уметности, Јелена Лужина, го промовираше печатеното издание на „Вечната куќа“, чиј автор е Јордан Плевнеш. Текстот од оваа драма беше делото со кое на 7 – ми декември минатата година целиот ансамбл на МНТ го стартуваше новиот живот и дух на штиците што живот значат.

Кулминацијата, односно централен настан беше вечерниот концерт насловен: „Концерт на МНТ и пријателите“, на кој учество земаа актерите и актерките од ансамблот на МНТ, но, на сцената свои настапи имаа и актери од другите театри. Публиката не ги штедеше дланките кога на сцената ги виде своите миленици. Концертот го отвори актерот Сашко Коцев кој беше и во улога на водител на целата манифестација.

На сцената продефилираа Весна Петрушевска која заедно со својот колега Сенко Велинов ја пееше „Sway“, и кои поради одличната изведба беа повикани на бис од страна на публиката. Тони Михајловски ја испеа македонската химна, „Зајди зајди“, а Гораст Цветковски, пак  безвременскиот хит на Архангел, „Uber Makedonische“.

Свои настапи имаа и Атанас Атанасовски, Жарко Димоски, Никола Ристановски, Васил Зафирчев, Билјана Беличанец, Нино Леви, Трајче Георгиев и многу други членови на семејството на МНТ.

Концертот беше крунисан со изведбата на песната „Во светот на бајките“.

Во однос на статистика, за една година во новата театарска зграда биле изведени повеќе од 150 претстави, а ги посетиле околу 83.000 илјади гледачи. Во првата година од својата работа, МНТ ја почести публиката со  пет премиери, а беше домаќин и на првиот Меѓународен театарски фестивал.

Фотографиите се позајмени од галеријата на МНТ:

 

Објавено:
9 декември 2014
Категорија: 
Култура