Моторџиските приказни на Lone Knights MC го градат алтернативниот идентитет на Скопје

18 октомври 2014

Ликот на еден град го создаваат сите негови обични луѓе. Овој пат ќе се ослободиме од негативните влијанија и ќе зборуваме за убавата страна на Скопје раскажана преку неговите улични приказни. А токму таму, на градските улици, ако го тргнеме настрана сообраќајниот хаос и посуштински ги доживееме, владее еден сосема поникаов свет ослободен од стегите на формалноста, крутоста, клишеата и бирократските правила.

Разговаравме со еден од членовите на македонскиот мото клуб Lone Knights MC, Тони Најдов кој е токму еден од оние ликови кои овој град го доживуваат во една поинкава димензија, а со тоа градат и негов алтернативен идентитет.

 

-Lone Knights MC е основан во 2009 година во Македонија. Клубот е формиран и егзистира според принципите карактеристични за традиционалните мотоциклистички клубови (МC). Нашите членови ги претставуваат единствено боите на нашиот клуб. Седиштето (mother chapter) на клубот е во Скопје, а имаме членови и во некои други градови во Република Македонија. Lone Knights MC е интернационален клуб, затоа што освен во Македонија, има своја подружница (chapter) и во Патаја, Тајланд. Во однос на бројот на членови, можам само да кажам дека клубот има доволно членови, кои се максимално посветени на своите клубски обврски. Секој член на Lone Knights MC е горд на боите што ги носи, а секој нов член на клубот се обврзува на доследно почитување на сите принципи и правила кои важат во клубот. Lone Knights MC соработува со сите МC и MK клубови, како во Македонија, така и во околните земји, ја започна својата градска приказна Тони.

Нивниот клуб обединува една група на истомисленици, луѓе кои ги врзува заедничката љубов кон моторите, кон идејата за братство кое нема да отстапува пред ништо и кои секогаш ќе бидат тука едни за други. За нив, тоа е еден од последните бастиони на вистинска лојалност и братство, слобода и меѓусебна поддршка. Исто така, една од целите на клубот, а и на неговите членови е промоцијата на бајкерскиот начин на живот.

Честопати организираат заеднички дружби, кои спротивно на стереотипните размислувања, се полни со позитивна енергија, добра музика и муабети за нивната заедничка љубов: моторите.

 

-Главниот настан кој го организираме е традиционалната зимска забава (winter party), која традиционално се одржува втората сабота во месец Февруари. Ова е прилика да се видиме и да се подружиме за сите наши пријатели и поддржувачи на клубот, како и со пријателите бајкери. Во минатото, организиравме и летни собири, во чест на годишнините од формирањето на клубот, меѓутоа заради непредвидливите временски услови во Мај (кои се покажаа како недруштвени кон нас), последниве години се откажавме од таа идеја, меѓутоа размислуваме повторно да ја обновиме. Во поглед на настани на кои сме учествувале, тоа се воглавно летни или зимски мото собири на други клубови со кои имаме одлични односи, како во Македонија, така и во останатите земји (Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Црна Гора), раскажува Тони.

За да се биде дел од нивното братство, основен предуслов е лојалност.

-Основните услови за пристапување се поседување мотор над 500 сс и личноста да е полнолетна. Меѓутоа, пожелно е заинтерсираните да имаат и одредени познавања од мото културата, да бидат лојални, чесни и да покажуваат желба за дружење.

Моторите не се единствениот заеднички интерес на членовите на Lone Knights MC. Напротив, поврзание се на различни нивоа и како браќа и како пријатели и како уживатели на добра рок музика.

-Нашиот клуб е место на кое се почитуваат индивидуалните карактеристики на членови и слободно можам да кажам дека ние сме една екипа со разновидни интереси. Но, сепак може да направам една генерализација и да кажам дека она што ни е заедничко е интересот кон рок музиката (и нејзините различни стилови), филмовите со моторџиска тематика, добриот хумор, а да не ја заборавиме е желбата за добра забава.

Карактеристично кај моторџиите е нивниот препознатлив имиџ. Доминација на кожа, јакна, чизми, кожени панталони, симболите на клубот аплицирани на елекот како носечки печат и знак за припадност, кожени ракавици, а не ретко и богатиот избор на аксесоари како сребрените прстени, ланчињата и обетките.

-Стиот на моторџиите обично е резултат на практичниот пристап кон облекувањето. Кожените јакни, панталони и чизми се носат првенствено како заштита од временските услови со кои се соочуваш при возење (ветер, дожд, понекогаш и снег), а дури потоа како стилски израз. Другиот аспект е и безбедноста при возењето, бидејќи во случај на пад најдобро е да си заштитен и да поминеш со што е помалку последици, па кожената облека повторно се наметнува како најдобар избор. Но, кога се работи за помали растојанија (обично низ град или до clubhouse), облекувањето е во casual стил, нормално фармерки и некоја маица или дуксер со клупски обележја или слично. Единствено парче облека кое е задолжително е елекот на кој се наоѓаат клупските обележја (боите на клубот), кое се носи секогаш со цел да се прикаже припадноста кон клубот. Некои од нас носат и различни парчиња накит, одредени прстени и ланци на кои повторно можат да се најдат обележјата на клубот. Не знам дали овде треба да спомене носењето тетоважи, кое не е задолжително, но поголемиот број на нашите членови имаат некаков body art.

Несозреаноста на едно општество често се приметува и преку стереотипниот однос кон она што не е мејнстрим. Тони ни кажа за неговото лично искуство во однос на оваа тема.

-Бунтовништвото и нонконформизмот секогаш биле дел од моторџиската приказна. Ако ги земеме во предвид и неколкуте филмови и серии кои постојано ги претставуваат моторџиите во негативен контекст, а и малограѓанството кое за жал е многу присутно во нашето општество, може да се каже дека луѓето имаат одредени предрасуди кон нас. Можеби оние стеротипи криминалци, насилници и пропалици се присутни, но ние не им придаваме значење и воопшто не ги регистрираме. Ние си ја тераме нашата приказна, и никој и ништо не би можело да не поколеба и да ни застане на патот, го заокруживме разговорот со Тони.

Убавината, динамиката во едно општество и неговата автентичност се во различноста, почитувајте го тоа.

 

Објавено:
18 октомври 2014
Категорија: 
Култура