ДУКЕ БОЈАЏИЕВ ВЧЕРА ГО ОДРЖА ПРВИОТ ОД ДВАТА КОНЦЕРТИ ВО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

Музика од која посакуваш да сонуваш, веруваш и љубиш без задршка

12 мај 2018

Македонската филхармонија вчеравечер ечеше од аплаузи. Уште повеќе, ечеше од емоции. Дуке Бојаџиев, после две години, со својата музичка банда како што ќе рече, искомуницира со домашната публика на нежен, но истовремено возбудлив начин.

Концертот започна со музиката од филмот „Устав Републике Хтватске“, за потоа да ја презентира ноти инспирирани и создадени специјално за средбата со оние што ќе ги споделуваат емоциите со него на двата концерти.

Наташа Петровиќ ја разгали публиката со интерпретацијата на „Сон“, за потоа да следат стиховите од Ана Бунтеска, пропратени со звуците кои ги нижеше Дуке. Не можеше да помине темата љубов и без стихови на Петре М. Андреевски, но и потсетувањето на Тодор Бојаџиев, таткото на Дуке, во чија чест беше изведена и песната „Ти си некаде“.

Со својата интерпретација, енергија, а и изглед ,Тијана исто така придонесе за оваа вечер да се памети. Таа со Дуке ги изведе „Дојди“, но и сосема нова верзија на „Си заљубив едно моме“. Секако, концертот не помина без на многумина омилената „До балчак“

Возбудата и од едната и од другата страна на сцената растеше. Маестралното музицирање на Исмаил Лумановски (кларинет), Костас Анастасиадис (тапани) и Мартин Ѓаконовски (контрабас), како и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев (виолина) , Маја Ефремова Шеќерова (виолина), Марко Виденовиќ (виола) и Марија Михајловска (виолончело) ја остави публиката без здив.

Нивната компактност, умешност, звукот што го произведуваат се нешто што не го заборавате. Затоа и враќањето на бис, громогласните аплаузи и овациите беа очекувани.

Да, во право беше Дуке, концертот беше фузија на класика, џез, поезија и изворна музика, но и фузија помеѓу чувствата на секој присутен во салата.

На крајот, бевме сведоци на приказни - колку интимни, толку и универзални. Кога ја слушате секоја одделно, ја впивате неговата „верзија“, но ѝ наоѓате место и на вашата. И заедно тажите, заедно и се радувате. Но уште повеќе, посакувате да сонувате, да верувате и да љубите, без задршка и да останете без здив, бидејќи на крајот, само и тоа се смета.

 

Објавено:
12 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
487 пати
Тагови: 
Дуке Бојаџиев