Најлуксузните патувања со воз

10 октомври 2016

За убавите, удобни, па дури и луксузни патувања со воз, најмногу сме слушале од родителите, уште повеќе од бабите и дедовците.

Да се патува со воз порано било вистинска возбуда и задоволство. Ние од новите генерации, или воопшто не сме патувале со воз, или и тоа што сме го пропатувале е доволно лошо за никогаш да не посакаме да влеземе во воз, бидејќи тоа го наметнуваат условите во домашната железница.

За разлика од нас, во светот сѐ уште се практикуваат прекрасни патувања со воз, што ќе ви понудат единствени моменти и уживања.

Во продолжение ви презентираме дел од најлуксузните патувања од овој тип, што освен преубавите глетки, нудат и елегантни вагон-ресторани, префинета храна, услуга, амбиент.

 Ориент Експрес (Orient Express) -  Африка, Азија, Централна Америка, Латинска Америка и Европа

Патувањето со „Ориент Експрес“ верувам е на листата на посакувани нешта на многумина. Инаку, „Ориент Експрес“ е приватен провајдер за луксузни патувања со воз, со што нудат и овозможуваат авантури ширум светот. Покрај беспрекорната услуга и услови, она што е карактеристично за нив е патување со романтична и авантуристичка нота и тоа низ убавините на сите шест континенти. Инаку, „Ориент Експрес“ постои повеќе од еден век. Покрај врвните возови, во понудата има и хотели и ресторани

 

Белмонд Ројал Скотсман (Belmond Royal Scotsman) – Шкотска

Ако некогаш во животот имате можност да патувате со Белмонд Ројал Скотсман, тогаш ќе бидете воодушевени од убавините на старите шкотски планини, златните клисури и мистериозни предели. За овој воз велат дека е приватен рај, спој на модерниот и старинскиот луксуз. Оние што веќе го имале тоа искуство, ќе кажат дека чувството е како да се наоѓате на приватна забава. Не сме изненадени, со оглед на тоа дека можат да се возат максимум 36 гости. Токму оваа бројка е она што привлекува, бидејќи ќе добиете целосно внимание и третман. Локалните водичи стојат на располагање за разни екскурзии за да се запознаете со богатството на оваа земја.  На почетокот на патувањето ќе ве поздрави звукот на шкотските гајди, а дел од возовите се достапни и за приватно изнајмување, каде навистина можете да направите приватна забава, во вистинска смисла на зборот!

 

„Блу Треин“ (Blue Train) – од Преторија до Кејп Таун

„Синиот воз“ е најлуксузниот воз во Африка и тоа две години по ред. А еве и зошто – патувајќи со него, истражувате неколку егзотични дестинации, притоа ги уживате сите услови за опуштање и уживање, со предзнак „лукс“. За комплетното доживување придонесува и автентичната африканска кујна и најдобрите вина. Батлерот е до вас во текот на целото патување. Возот постои веќе 70 години, а во него се возеле и кралеви, претседатели и тоа не само службено, туку и како дел од својот годишен одмор.

 

„Голден Игл“ (Golden Eagle) – 15-дневно патување помеѓу Владивосток и Москва

Идеално за оние што го сакаат северот, поточно транс-сибирската рута и авантурата. Со „Златниот орел“ ја поминувате линијата на два континента и осум временски зони. Посебно возбудливи се филмските пејзажи кои ќе ве остават без здив. И тоа цели 15 дена! Возот има вкупно 12 вагони за спиење, со приватни тоалети. Внатрешноста многумина ја споредуваат со луксузните вили. Руската водтка, најдобрите вина од цел свет и руските специјалитети ќе го направат доживувањето на овој луксуз на шини комплетно.

 

„Ровос Реил“ (Rovos Rail) -  Источна и Јужна Африка

Уште една можност да се видат убавините на Африка и тоа на луксузен начин. Вагоните на овој воз се со дрвени панели и врвна услуга. Максималниот број на патници што може да патуваат изнесува 72. Покрај превојната естетика со модерната, 36 апартмани се декорирани елегантно. Убавините на Источна и Јужна Африка можат да се видат во неколку различни типа патување од 48 часа до 15 дена.

Објавено:
10 октомври 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
657 пати