Елизабет Тејлор и Ричард Бартон

Најмоќната љубов на сите времиња

14 ноември 2017

Најмоќната љубов на сите времиња. Жестоки емоции на сите страни. Оваа љубов велат дека била највозбудливата во 20-иот век . Започнала многу необично. Бурна љубов, брак, развод, повторно венчавање.

Така изгледаше врската помеѓу две филмски легенди Елизабет Тејлор и Ричард Бартон. Биле родени еден за друг, ги поминувале заедничките моменти исполнети со страст, бес, па ја прекинувале врската. Таа иста жестина ги спојувала повторно. Тие така умееле да љубат.


Ричард Бартон за нивната врска ќе каже:

„Таа е болка во мојот стомак и кога ќе бидам далеку од неа, таа е мојата најголема среќа и јас ќе ја сакам засекогаш. Се сретнавме прв пат 1963 година на снимањето на филмот „Клеопатра“. Уште првиот ден на снимање ја прашав дали некогаш некој ѝ кажал дека е најубавата девојка на светот. Ми се тресеа рацете, имав некој тежок мамурлук, но очигледно дека бев престрашен од неа“.

Елизабет во Ричард гледала еден исклучителен интелектуалец, духовит маж и голем љубовник. Се изненадила на неговата баналност во обраќањето кон неа тој ден.

„Двајцата бевме во брак, но таа привлечност ќе пламне во еден момент. Веднаш знаев дека нема да можам да се одвојам од неа, после тој прв поглед“.

Кога се сретнале, Eлизабет имала 31 година,а Ричард 38. Таа била во брак со Еди Фишер, а Ричард со Сибил Вилијамс. Нему ќе му биде трет брак со Елизабет, а неа петти.

Во 1964 ќе биде нивната прва венчавка во Монтреал и тој брак ќе трае скоро десет години. Цел Холивуд ја следел нивнта врска.Тие двајца пак, биле несекојдневни, бунтовни, експлозивни, љубоморни, посесивни, со чести бурни испади. Едноставно им биле интересни на луѓето околу нив. Заедно се појавиле на филмско платно 11 пати и тоа во антологиски остварувања.

Четири години пред нивниот развод, во 1974 година Бартон во својот дневник ќе напише:

„Целиот мој живот бев необично среќен, но најголемата среќа во мојот живот е Елизабет. Таа ме направи да бидам примерен човек каков би требало да бидам, таа може да ги поднесе моите глупости, да ја толерира мојата неподносливост, моето пијанство, да ме разбира, да ми простува...но, таа е нескротлива, што во мене често предизвикува бес и јас од мојата немоќност почнувам да ја навредувам. Тоа е оној момент, кога во јавноста велиме како супер функционираме во кревет, но кога ќе станеме почнува пеколот“. 


Четири дена пред нивната разделба, на десетгодишнината од нивниот брак Елизабет ќе му напише писмо на Бартон.

„Драг мој (сè уште сопруг). Би сакала да ти кажам за мојата љубов кон тебе, за мојот страв, возбуда, чистиот животински нагон кон тебе и со тебе, мојата љубомора, гордоста и бесот што го имам кон тебе. Највеќе од сè би сакала да ти пишувам за љубовта која ја имам кон тебе и љубовта која ти мене ми ја даваш. Би сакала за тоа да ти пишувам, но ете не можам: можам само да вријам во себе и се надевам ќе разбереш како навистина се чувствувам. Во секој случај, копнеам за тебе.Твоја и понатаму сопруга. П.С. Љубов моја, никогаш повеќе да не земаме здраво за готово тоа што имаме еден за друг. Замисли десет години сме заедно!“

„Бракот со тебе е како да сум на работ на вулканот.Но, те сакам прекрасна жено! Ако било кој те повреди, само прати ми еден магичен збор и јас ќе дојдам побргу од брзината на звукот“, ќе и напише Бартон една година после разводот .

Бартон ќе има два брака, едниот со Сузи Милер, другиот со Сали Хеј. Елизабет исто така, два пати ќе се мажи и тоа за Џон Варнер и Лари Фортенски. Неколку дена пред да почине, во 1984 година Ричард ќе ѝ прати писмо на Елизабет. Сакал да ѝ соопшти нешто. Неговите зборови таа ќе ги чува сè до нејзината смрт, со години тоа писмо ѝ стоело на масичката до нејзиниот кревет. Тоа што Бартон ѝ напишал никогаш никому не открила. Имала само една желба, кога ќе умре, да ја погребаат со писмото. Таа умира во 2011 година и желбата ѝ била исполнета .

извор фотографии: bbc,telegraph,vogue,harper bazaar 

 

Објавено:
14 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.787 пати