Најскапите планински колиби во светот

18 јануари 2017

Многумина од нас зимската идила ја замислуваат и во планинаска дрвена колиба со камин и со многу снег надвор.

И ако веќе фантазираме, тогаш нека е на ниво.

Во продолжение ви ги презентираме најскапите планински колиби, односно вили во светот:

 

Вила „Титанија“, Межев (Франција) – 240.000 долари неделно

Површината на оваа колиба изнесува околу 2.000 метри квадратни и може да прими до 25 гости во 12 ВИП апартмани. Освен собите, во овој простор се содржи и соба за игри, домашно кино, библиотека, вински подрум, конференциска сака за 30 луѓе, тереатана, базен, спа, ѕид за искачување висок 11 метри. Исто така, за време на престојот има услуга од комплетен тим, вклучувајќи готвач и батлер.

 

Вила „Серена“, Аспен (САД) – 255.000 долари неделно

Сместена е во еден од најдлабоките делови на Аспен и се наоѓа на неколку минути од најдобрите локации за скијање, ручек и шопинг. Се простира на 760 метри квадратни и има капацитет за 14 гости во седум спални соби. Има и винарија, теретана, џакузи, а карактеристична е и по традиционалната декорација и класичниот мебел.

 

Вила „Елиса“, Аспен (САД) – 255.000 долари неделно

За истата цена, можете да ја одберете и луксузната колиба Елиса, која нуди поглед кон Црвената планина. Големи прозорци, светол амбиент и прекрасно уреден екстериер ја прават навистина уникатна. Во неа можат да престојуваат 16 личности, кои имаат можност да уживаат во соба за билијар, спа и медија центар, теретана и голем базен. Во пакетот влегува и услугата на телохранителите.

 

Вила „Еугенија“, Клостерс (Швајцарија) – 260.000 долари неделно

Ова одморалиште со површина од 1.400 метри квадратни има историски и традиционални вредности. Се карактеризира со елеганција и стил. Нуди шест индивидуално дизајнирани спални соби распоредени на четири ката, каде можат да престојуваат 12 луѓе и шест члена од персоналот

 

Вила „Ен“, Лех (Австрија) – 270.000 долари неделно

Во оваа вила престојувале познати ѕвезди меѓу кои и Тина Тарнер и Ријана. Има 11 апартмани, меѓу кои главниот има површина од 180 метри квадратни. Ќе ве служи персонал од 23 члена, а ќе уживате во погледот низ големите прозорци, винскиот подрум, кино и тоалетни производи од „Ермес“.

 

Вила „Атлантик“, Куршевел (Франција) – 315.000 долари неделно

Ќе ве освои типичниот алпски рустичен шарм со префинет луксуз. Се наоѓа на само 5 минути од центарот на легендарното ски одморалиште Куршевел. Се простира на 405 метри квадратни, има пет спални соби со неверојатен поглед на Алпите.

 

Вила „Овенс“, Куршевел (Франција) – 347.000 долари неделно

Архитектонски гледано, оваа вила претставува комбинација на современ дизајн, традиционален материјал и мебел од најдобрите брендови во светот. Се простира на површина од дури 1.500 метри квадратни. Има шест енормни апартмани, а нуди и ски-патеки од светската класа, како и најдобрите можни погодности. За време на престојот на гостите им е достапен и спа центар, голем затворен базен и помал на отворено, како и сауна, амам, балска сала со површина од 250 метри квадратни, кино сала, салон за убавина, фитнес центар, две соби за масажа, три жичари и уште многу други поволности.

 

Вила „Еделвајс“, Куршевел (Франција) – 370.000 долари неделно

Величествена градба со површина од 3.000 метри квадратни и седум ката. Дел од вилата е и подземната гаража со лифт и 20 паркинг места. Исто така, има и ноќен клуб за околу 100-тина луѓе. Во внатрешноста има осум спални соби за 16 гости и еден од најдобрите спа центри во околината. Базенот, џакузито и барот со лежалки за уживање се исто така составен дел од центарот. Во спа делот се наоѓаат и две соби за третмани и масажи, како и сосема опремена теретана, амам и сауна.

 

Вила „Белву“, Куршевел (Франција) – 400.000 долари неделно

По сè изгледа во овој дел од Франција се наоѓаат најскапите и најлуксузни планински колиби односно вили. Во „Белву“ гостите уживаат во панорамскиот поглед на планините околу ова зимско одморалиште. Површината на вилата изнесува 1.300 метри квадратни, идеална за 10 гости во пет спални соби. Дневниот престој има плафони со дупла висина и импресивни прозорци од подот до плафонот, низ кои можете да уживате во природата надвор. Има и кино, бар, ноќен клуб со танцов подиум, ложа, диџеј бокс и неверојатно осветлување. Гостите можат да уживаат и во огромен затворен базен, со простор за релаксација, џакузи, саун и уште многу други поволности.

Објавено:
18 јануари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.165 пати