Нека ечи Тоше!

16 октомври 2019

Секој има различно сеќавање за трагичниот 16.октомври 2007 година. Некој го разбуди лошата вест, некој ја дозна на работното место, некој на училиште, факултет. А имаше и такви кои го гледаа неговиот лик на телевизорите од сите кафулиња и ја слушаа неговата музика, не сфаќајќи од прва што е причината.

Без разлика каде бевте и што правевте тој ден, сите ќе се согласиме дека веројатно тоа е единствениот ден кога гледавме луѓе по улица како плачат и не се трудевме да дознаеме зошто. Не ни беше чудно. Тоа е еден од ретките моменти кога бевме сплотени од болка, но и од љубов кон човекот кој секогаш ја даваше несебично.

Денеска навршуваат 12 години од несреќата за која сите посакувавме да не се случи. Во „Вртелешка“ каде последен пат зборуваше за сè што му лежи на срце, помеѓу друго, на шега се зборуваше за тоа колку е згоден и како би изгледал на 40 години. Веројатно и вие понекогаш сте си го помислиле истото.

А за тоа какво би звучел - сите знаеме. Беспрекорно. Чисто. Јасно. Емотивно. Страстно. Гласно.

Затоа, нека ечи денес Тоше! Многу работи не ни успеваат во ова државиче мало и хаотично, но онаа да го зачуваме споменот и љубовта кон него пеејќи ги денес и неговите песни, ете ни успева. Дури и генерации што воопшто не го знаат и не растеле со неговата музика, ја знаат. Но, и тоа е повторно негова заслуга.

Ние одбравме 12 песни со весела музика, затоа што иако тажен денот, сепак споменот нека биде весел. Вие одберете ја вашата омилена. 

Нека ечи Тоше денес и утре и секој ден! Нека ѕвони гласот, нека нè сплоти пак, потребно ни е!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
16 октомври 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.528 пати
Тагови: 
Тоше