Неодоливи италијански гратчиња за романтичен одмор

18 јули 2016

Иако можеби веќе се одлучивте каде ќе го поминете летниот одмор, тоа не значи дека не треба да ги погледнете и убавините на другите места во светот кои се толку неодоливи. На менито за денеска ги имаме најромантичните и најубавите италијански гратчиња во кои секогаш повторно се вљубуваме. Никој нема да остане рамнодушен на убавините на Римини, Тоскана, Трентино и уште многу други места кои кријат неверојатна историја и романтични приказни. Листата која ќе ја погледнете во продолжение е малку поинаква од сите оние познати градови за кои досега сме зборувале, со оглед на тоа што овие места се малку поинтимни и едноставно совршени. Ако сѐ уште не сте се одлучиле каде ќе го поминете летово, тогаш некое од овие места може да биде вашиот одмор од соништата!

Rimini

Римини е едно од најпознатите италијански места за одмор кое секоја година е избор на многу млади луѓе од различни делови од светот. Климата е идеална за сите љубители на сончањето и капењето, но и за сите оние кои ги интересира историјата. Задолжително посетете ги Museo della Cita di Rimini, Piazza Tre Martiri и сите други места за кои локалните мештани ќе ви посочат дека се задолжителни. Доколку патувате со деца, тие ќе го обожаваат тематскиот парк Fiabilandia.

Caorle

Ова прекрасно гратче е сместено на крајбрежјето на северниот регион Венето, а во него ќе најдете безброј занимливости кои ќе ве забавуваат во секој дел од денот. Не заборавајте да ја посетите катедралата Св.Стјепан во која има многу прекрасни дела од Венецијанското училиште за уметност, а најпознато е „Последната вечера“. Ова место е популарно во текот на целата година и воопшто не е чудно што постојано има многу туристи. Стариот град е полн со куќи во боја, а тоа ќе биде совршено за сите фотографии што планирате да ги направите.

Cinque Terre

Ова прекрасно место се состои од пет фантастични населби или помали гратчиња: Monterosso al mare, Vernazzu, Cornigliu, Manarolu и Riomaggiore, кои датираат уште од средниот век. Она што е навистина посебно кај ова место е неговата колоритност која многу често го сместува во избор број еден за летните одмори. Националниот парк е дел од UNESCO, а малите шарени куќички, високите места, старите дворци и цркви се само дел од неговата убавина. Cinque Terre е рај за сите авантуристи, бидејќи во дел од населбите нема пристап со автомобили освен пешки, со воз или брод, а токму таму се крие недопрена убавина.

Trentino

Малку посеверно од Cinque Terre, ќе го најдете прекрасното место Trentino кое е идеално за сите љубители на природата кои се во потрага по малку мир, тишина и опуштање. Со себе понесете некоја добра книга и исклучете се од надворешниот свет, целосно подготвени за уживање. Откако ќе завршите со планинарење, уживајте во нивните традиционални јадења и вино кое мора да го пробате.

Pitigliano

Прекрасниот регион на Тоскана е нешто во што мора да уживате барем еднаш во животот. Неодоливото гратче Pitigliano во покраината Grosseto е познато како „мал Ерусалим“. Ова гратче има околу 4.000 граѓани и нуди неверојатни гастрономски уживања. Пробајте го виното Il Bianco di Pitigliano и задолжително посетете ги сите неодоливи места со кои располага ова романтично место.

Извор: Journal.hr

Објавено:
18 јули 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.673 пати