Next Time: „Јовка Кумановка“ е подарок за Куманово и за нашата публика

5 ноември 2019

Неодамна дуото Next Time објави уште една, во низата свои преработки на стари македонски песни. Овој пат се работи за песната „Јовка Кумановка", за која браќата Мартин и Стефан објавија и видео запис, со препознатлива артистична приказна. Со веќе над 300.000 прегледи на Јутјуб и оваа преработка го освојува вниманието на публиката, а токму тоа беше главниот повод да поразговараме со Мартин и Стефан и низ муабет да ни откријат повеќе детали околу актуелната „Јовка Кумановка", но ги прашавме и за нивната прокеција за професионалната иднина.


Какви се првите реакции за „Јовка Кумановка"?

-Јовка се повеќе го привлекува вниманието на публиката, уште првиот ден откако го објавивме спотот на Јутјуб имаше доста добра гледаност и споделување на социјалните мрежи. Но, факт е дека сме свесни дека сепак е песна на која што ќе и треба малку повеќе време за да „залепи" за ушите на слушателите. Веруваме дека со тек на време ќе го освои вистинското внимание кај публиката.

Во низата преработки на стари македонски песни, имаше ли конкретен повод зошто следна беше токму „Јовка Кумановка"?

-Добивме покана од градоначалникот на Куманово да обработиме песна која што ќе ја подариме на жителите на градот по повод 500 години од неговото постоење, а воедно оваа песна е подарок за цела Македонија.

Работевте со истиот тим со кој соработувавте и за претходните преработки или имаше промени во таа насока?

-Да, истиот тим е од претходните три песни. Никола Мицевски беше задолжен за аранжманот, Мелем Продукција на чело со Огнен Шапковски и Кристијан Теодоров кои беа одговорни за видео продукцијата, но мораме да кажеме дека и Мартин како во оваа така и во другите видеа е заслужен за приказната и концептот за крајнот производ.

Ќе се реализира ли амбицијата, сите ваши преработки на стари македонски песни да се стават на еден албум?

-Амбицијата и желбата се големи, се надеваме дека до идната година ќе обезбедиме готов материјал за албум.

Продолжувате во истиот музички контекст или планирате промени во однос на естетката на вашата музика?

-Дефинитивно продолжуваме во истиот музички правец, затоа што како што кажавме, имаме цел и работиме на нејзината реализација.

Кога ќе имаме можност да ве слушаме на самостоен концерт?

-Ова прашање е најболно за еден македонски изведувач затоа што за тоа треба или некој да понуди да го реализира или финансии доколку самите се решиме да го организираме, што веројатно никаде не функционираат така работите. Се надеваме после издавање на албумот, некоја од домашните продукции ќе покаже интерес да организира концерт/и.

Какви се вашите професионални проекции за во иднина? Кој е професионалниот сон што би сакале да го пренесете во реалноста?

-Веројатно да опстојуваме уште многу долго во музиката, да ни се отвораат границите и надвор од нашата земја и да живееме од самата музика и талентот што го поседуваме.

Објавено:
5 ноември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
649 пати
Тагови: 
интервју Next Time