Нина Маџиров снима филм посветен на татко ѝ - маестро Маџиров

4 август 2017

„Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност", така почнува приказната на краткометражниот филм „Стакло" што Нина Маџиров, ќерка на нашиот вонсериски маестро Зоран Маџиров, периодов го снима во Лос Анџелес со посвета за нејзиниот татко.

Се работи за многу интимен и сентиментален расказ творен во моменти кога Нина, која се потпишува и како сценарист и како актерка во филмот, се соочува со најголемата болка, но истовремено е свесна за должноста што ѝ ја остава татко ѝ – да создава уметност за поубав свет.

„Почнав да го пишувам сценариото во Февруари. Се инспирирав кога ја слушав музиката на татко ми, пешачејки по дождот. Се чувствував осамено, разочарано, сама во Лос Анџелес. Ништо не можев да придонесам, ниту пак да помогнам за состојбата на татко ми. Со идејата и развојот на оваа приказна, мислев дека ќе му помогнам некако побрзо да стане и да се опорави. Желбата ми беше целото семејство да го гледаме краткиот филм и да се гушнеме на крајот. Но, за жал животот понекогаш знае да биде многу тежок и да нѐ тестира на начин на кој никогаш не би ни помислила. Ден после смртта на татко ми, имав премиера на претставата „Галебот" од Чехов со класата на Факултетот. Минутата кога дознав, бев подготвена да ги напуштам колегите, претставата, професорот и да се вратам во Македонија. Но, знам дека тој тоа не би го сакал. Знам дека ќе ми беше многу лут ако оставив сѐзад себе. Изиграв 3 дена, во негова чест", ни вели Нина во разговорот.

„Стакло" е снимен во рамките на нејзината студиска програма на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес, каде Нина е веќе при крај на студиите за актерска игра.

„Филмот се работи за после неговата смрт, пред погребот. Како јас го исполнувам последното ветување помеѓу нас, свирејќи ја „Месечевата Соната" од Бетовен на шишињата. Татко ми е мојот идол и учител засекогаш. Со секој негов напредок јас бев најгордата ќерка. Mу се восхитував на секоја отсвирена нота, па макар била на нашиот домашен клавир. Сакав да направам нешто на што би се гордеел со мене. Ова е тек првиот филм посветен на него, но ќе се направат уште многу. За жал живееше кратко, но остави премногу зад себе. Татко ми ги знаеше вистинските вредности на животот, и затоа имаше прекрасен живот исполнет со многу радости, љубов, уметности, смеја до солзи, патувања. Засекогаш ќе му бидам благодарна за сѐ што ме научи. Неговата цел беше да твори музика. Сега е ред на мене и брат ми Љубен да ја преземаме неговата должност и да го наполниме овој свет со музика и уметност", ветува Нина.

Наскоро очекуваме информации кога ќе биде премиерата на филмот.

Филм- СТАКЛО
Писател - Нина Маџиров
Режија - Амалиа Рамирез
Глума - Нина Маџиров, Ребека Момо
Продукција - New York Film Academy, „Маџиров Продукција“

 

Објавено:
4 август 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.203 пати