Нов сингл и видео спот на АРХАНГЕЛ - „Пинокио“!

27 јуни 2018

Македонскиот музички великан АРХАНГЕЛ денеска премиерно го објавува својот нов сингл насловен „ПИНОКИО", а чие претставување во јавноста е проследено и со видео спот! Песната „Пинокио" на АРХАНГЕЛ за прв пат беше најавена во живо пред две години со изведба на нивниот настап на Таксират Фестивал. Тогаш групата се врати на сцената по повеќе години пауза објавувајќи ја и песната „Поучна" со Камарад, а денеска македонскиот музички етер е збогатен и со официјалната премиера на новото остварување на АРХАНГЕЛ – „ПИНОКИО".


Во изведба на групата АРХАНГЕЛ, зад музиката, лириката и аранжманот на „Пинокио" се потпишува Ристо Вртев. Песната пред јавноста е претставена и со видео запис по сценарио и режија на Иван Вртев, во кој како актери се појавуваат: Петар Стевановиќ, Славен Арсовски и Иван Вртев, а во продукција на „Аурелио" и „Томато".

Покрај објавувањето на синглот „Пинокио", АРХАНГЕЛ годинава се актуелни и со веќе потврдениот настап како предводници на програмата на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран. Посетителите на Д ФЕСТИВАЛ сигурно ќе имаат прилика да го чујат и новиот сингл во живо, но и да бидат почестени со поинаква програма и концерт кој групата цени дека го должи поради временските услови од минатата година во Дојран, а што уште е подготвено од музичката работилницата на култниот АРХАНГЕЛ е изненадување резервирано за саботната вечер, 7-ми јули на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ!

Објавено:
27 јуни 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
96 пати