Новата сезона во театар Комедија отворена со премиерата на „ Дони Дарк“

27 септември 2017

Вчера на малата сцена на театарот Комедија беше изведена премиерата на романтичната комедија „Дони Дарк", од Леонард Герш во режија на Роберт Ристов што воедно е и негов магистерски труд по режија.

Претставата раскажува за млад човек со дисфункција на сетилото за вид и процесот во кој тој се осамостојува од семејството и проблемите кои притоа ги надминува. Текстот за претставата, со оригинален наслов „Пеперутките се слободни", е на американскиот автор Леонард Герш, напишан во 1969 година.

Насловниот лик го игра Даријан Петров, студент на трета година на Универзитетот ЕСРА, а покрај него, во актерската екипа се и Мирјана Поповска-Ристов, Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски.
По завршувањето на премиерната изведба на претставата, го прашавме Роберт за неговите првични импресии.

-Во однос на моите имперсии од премиерата на претставата, она што го имав замислено тоа и го добив, затоа што квалитетот на оваа претстава е во тоа интензивно чувство на среќа, на љубов, на тага, на болка – сите тие измешани чувства ја прават претставата. Тоа сакав и да го доловам, публиката да доживее емпатија на сите тие состојби. Пораката е да се обидеме да ги мотивираме лицата со посебни потреби што се веќе во одредена возраст, да се обидат да се осамостојат, да се препознаат самите себе, да бидат подобро разбрани и да се помогне во социјалната интеграција, па и да видиме со кои проблеми се соочуваат и подобро да ги прифатиме.

 

Првпат за оваа претстава во Театар Комедија имаше и титл на текстот за глувонемите лица, а со жолти ленти беа обелжани холовите за лицата со оштетен вид непречено да дојдат до малата сцена. За луѓе со хендикеп се приспособени и шалтерите на билетарницата како и шкафови од гардеробите...

 

Сценографијата е на Инес Петрова-Бошкоска, костимите ги изработи Елена Лука, изборот на музиката, претежно класични нумери, како и една авторска тема, се на Гаро Тавитијан, а во живо на виолончело ќе ги изведува Дејан Цветковски.

-Со задоволство прифатив Елена Лука да биде дел од тимот што стои зад уште една претстава на сцената на театар Комедија, бидејќи и претходно сме имале одлична соработка. Улогата на костимографот е исклучително значајна во заокружувањето на визуелната приказна на претставата и суштината е преку костимите да го доловиме карактерот на ликот, што навистина бара посветеност од секој аспект: од проучување на психологијата на ликот до практичната изведба на костимот. Овој пат креиравме костими за карактери од секојдневието, што бараше прецизно изведување на костимот дефиниран според карактеристиките на индивидуата. Неизоставен дел на што особено внимаваме, не само за претставата „Дони Дарк", туку генерално кога работиме театарски костими, е моментот на фукционалноста, покрај естетиката и приказната зад нив. Костимот треба да биде во функција на актерот и максимално да му овозможи да ја долови улогата на сцена, изјави Елена Пандева, генерален менаџер и сопственик на Елена Лука.

 

Со овој проект модната куќа ја продолжува успешната соработка со оваа театарска екипа.

„Сакам да упатам едно големо благодарам до Елена Лука, која исто така ги работеше костимите за нашата претстава „Прво ќе ме земеш па ќе ме...", а одличната соработка ја продолживме и со оваа претстава. Многу сме задоволни од тоа како комуницираме и како Елена Лука ги изведе костимите, што пред сѐ многу добро прилегаат на самите карактери како и на сцената", додаде Роберт.

 

Првата реприза на „Дони Дарк" ќе биде на 29 септември. До крајот на годината на сцената на Театар Комедија се планирани уште три премиери.

 

 

Објавено:
27 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
457 пати