Ново запознавање со „Меморија“

13 септември 2017

Во просториите на Младинскиот културен центар, вчера групата „Меморија“ одржа конференција за медиумите, но всушност беше средба на задоволство и на членовите на групата и на присутните.

Тоа беше ново запознавање со „Меморија“, а низ него нè водеше Драган Б. Костиќ.

-Пред седум години, легендарниот Пол Макартни објави албум кој го нарече „Memory almost full“. Речиси полна меморија. Во денешно време, со новата технологија нè предупредуваат кога веќе ни е полна меморијата, кога треба да ја замениме со друга, но оваа „Меморија“ само ќе се надгради со нови спомени – го започна разговорот Костиќ.

Следеше непосреден и пријатен разговор со секој од членовите, при што се кажаа и работи што можеби јавноста и не ги знае, но добро познати на присутните пријатели, соработници и членови на семејствата на членовите на групата. Разговор кој измами насмевки и уште едно потсетување на убави времиња кое ќе кулиминира на 18-ти ноември во „Метрополис арената“, кога долгонајавуваниот концерт и треба да се случи.

-Знам дека купил тапани од Гаро Тавитјан, продадени во Дебар, но интересно е што син му што сакал да биде гитарист, во еден миг станал тапанер. Но, сега го има истиот проблем како татко му, мора да ги влече тапаните од место до место – беше најавата на Драган за Сашо Ангелов.

Тој денес има 55 години и среќно семејство, што му претставува големо задоволство.

-Сите овие години сопругата ми беше голема поддршка, особено во тоа да ги пораснеме децата. Денес тие се возрасни, имаат 29 и 23 години. Синот покрај тоа што ме наследи во музиката, ме наследи и во она што ми е професија – економист, на мое инсистирање.  Во животот поставив три цели – прва е семејството, втора професијата, а третата, можеби и најважната, музиката. Перо често ме претставуваше како благајник на групата, но јас му кажував дека сум дипломиран економист, има разлика – се пошегува Ангелов.

Приказната се префрли на Бане Поповиќ и на создавањето на песната „Нашите слики“. Денес Поповиќ е сопственик на видео-продукција, а пред присутните сподели како тој гледа на ова што денес ѝ се случува на „Меморија“ споредбено со времето на најголемата популарност.

-Овде слушнавме животна приказна од 55 години. И јас сум семеен човек, имам сопруга и ќерка, која за жал, ќе ја наследи мојата работа и за тоа се образува. Инаку, моите почетоци ги обележува концертот на „Бијело дугме“ во 1974 година, кога го гледаш некојси Бреговиќ и си велиш, ова е патот што ќе ме води. Па, почнуваат да се сонуваат гитарите, па да се купуваат. А секогаш недостасува уште по една гитара. Тоа е нова врата и приказна. Не ни сонував дека ќе се занимавам со видео-продукција, бидејќи сакав да се занимавам со аудио продукција. Но, работењето во МТВ ми отвори нови хоризонти и после години се случи „Томато“, име за кое е виновен Роберт Саздов – вели Поповиќ.

Тој додава дека сите членови од групата се созреани, со надминати суети и изградени патишта и после 20 години сфаќаш дека некои работи едноставно не се менуваат.

Димитар Божиков – Миќо пак, потекнува од музичко семејство, а Костиќ откри дека има два сина, кои не свираат гитари, туку тапани и исто така, дека опаковките на четири од петте албуми на групата се дизајнирани токму од Миќо.

-Точно, но едниот се откажа. Сега тренира фудбал и е многу успешен, а другиот покрај музиката е и одличен тату-мајстор. Инаку, по образование сум сликар. Можам да кажам дека сум најдобар гитарист меѓу сликарите и најдобар сликар меѓу гитаристите. Но, исто така, и најдобар рибар меѓу гитаристите и сликарите – се пошегува Божиков.

На тоа се надоврза Сашо, кој сподели дека имаат заедничка фотографија уште од градинка, а еве и 50 години подоцна сè уште се заедно. Не само што се колеги, туку се и долгогодишни пријатели и кумови.

Приказната продолжи кај Валентино Скендеровски.

-Јас сум дома со три жени и можам да кажам дека имам најпрекрасно семејство. Тешко е со три жени, но мислам дека нив им е потешко од мене. Јас сум бебето во семејството. Животот носи чудни работи, но мојот животен пат се развиваше сосема неочекувано. Истерав и декански мандат, работев и како предавач, а со цел да се создаде нов кадар на тонци и музички продуценти. Аранжер сум, сум работел со луѓе од различни музички жанрови, продуцент сум бил и на голем број фестивали... Многу шарена работа со која се надградува искуството. „Меморија“ има голем печат врз мене, врз тоа како сум се развил како музичар и какочовек и тоа не само поради музиката што сме ја создавале, туку и дружбата. Инаку, и јас сум му кум на Поце – открива Валентино.

Петар Георгиевски – Камиказа, актер, музичар, трчач, бизнисмен, е човекот на чија иницијатива е повторното собирање на групата. Како и останатите членови, тој е реализиран човек, семејно и професионално, со син и ќерка што ќе ја продолжат неговата работа.

-Сум создавал музика за култната серија „Бумбари“, „Трст виа Скопје 2“, за многу филмови, театри, тоа многу малку луѓе го знаат. А кога сме кај децата, Кристијан во моментов е во Америка, каде е бренд менаџер на најголемата казино корпорација, зборува течно пет јазика и сум многу горд на него. Кристина го презема бизнисот и одлично го води. Морам да ја споменам и сопругата, која сите овие години ги трпи нашите уметнички фрустрации. Јас сум малку чуден човек и секој ден ми текнува нешто ново, нешто што ме држи две-три години, па почнувам со нешто друго... – откри Камиказа.

Во однос на концертот, тој спомена дека доколку не се смени нешто, ќе го покријат самите, бидејќи има отсуство на спонзори, кои пак се подготвени да дадат многу големи суми за балканските ѕвезди, но не и за квалитетен домашен производ.

-Има возвишено име, Апостол, потекнува од музичко семејство,  но нема инструмент, освен својот глас, извореден пејач, а уште поголем познавач на музиката, некој со кој уживам да разговарам, а штета што не продолжи во некој новинарски смер – го најави Драган вокалот на групата, Поце Икономов.

-Точно, од музичко семејство, ќего споменам само најважниот - Константин Коце Икономов е мојот чичко, пионер на рокенролот во Македонија. Своевремено можеби и најдобриот виолинист во Европа, дипломиран доктор, а сега пензионер. Тој беше причината да почнам да се занимавам со музика. Инаку сум семеен човек, имам сопруга - правник и две ќерки. И двете имаат талент за музика, но тој интерес запре, па сега едната е гимназијалка, а другата студира психологија – сподели Поце.

Токму со него, односно неговиот глас заврши оваа средба, со изведба на прекрасната „Caruso“. И присутните и членовите на групата се согласија во тоа дека посебноста на „Меморија“, покрај идејата и музиката, е во блискоста, енергијата и дружбата, која се очекува да кулминира во ноември.

Објавено:
13 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
637 пати