Објавени најдобрите дизајни на Конкурсот за студентски плакат

17 март 2017

Kонкурсот за студентски плакат на тема „Република Македонија како туристичка дестинација", што го организираат Плакарт, Музеј на град Скопје и Амбасадата на Република Полска во Република Македонија, вчеравечер ја доживеа својата кулминација.

Жирито во состав Лазе Трипков, директор на Музејот на современа уметност, Томислав Микулчиќ – директор на Музејот на град Скопје, Ласко Џуровски – основачот на Тотем дизајн студиото, Ришард Каја – реномиран плакатист и илустратор од Полска и Н.Е. Јацек Мултановски – амбасадор на Република Полска во Република Македонија направија селекција од пристигнати 123 плакати од 7 факултети по визуелни комуникации или сродни насоки од земјава.

Финалната изложбата на плакати, која беше отворена во Музејот на град Скопје вчеравечер, вклучуваше 50 студентски дела. Дополнително, изложбата е надополнета со поставка насловена „Мал плакат", составенa од 20тина детски цртежи на истоимената тема, добиени како резултат на работилницата која полскиот илустратор и плакатист Ришард Каја ја менторираше во ноември 2016 во рамките на 9. Скопје постер фестивал.

Ана Петрова (главна награда)

Анастасија Јовческа (главна награда)

Иван Дургутовски (главна награда)
Во присуство на студентите – учесници, нивните професори и ментори, дечињата кои беа автори на детските цртежи и љубителите на плакатот претседателот на Плакарт, Гере Трипков, амбасадорот на Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски и директорот на Музејот на град Скопје, Томислав Микулчиќ ги обзнанија добитниците на главните признанија.


Добитниците на 3-те главни награди беа наградени со студиско патување во Полска во 2017 година. Ана Петрова и Иван Дургутовски – студенти на Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет и Анастасија Јовческа – студентка на Факултетот за дизајн и мултимедија од ФОН Универзитет ќе имаат можност да патуваат по стапките на големите полски мајстори на плакат и да се запознаат и да ги проучат вредностите и значењето на оваа маркантна школа за дизајн, искуство што ќе им служи во развојот на нивната кариера.

Ана Грковска (почесно признание)

Ана Грковска – студентка на Факултетот за Архитектура од Универзитет Св. Кирил и Методиј и Лара Маринковиќ – студентка на Семос – Академијата за дизајн се добитници на почесното признание и можност да соработуваат со Музејот на град Скопје, да одржат студентска пракса и да учествуваат во подготовка на промотивните материјали на во оваа значајна културна институција во текот на 2017 година.

Кристијан Арсковски (специјална награда)


Специјална награда од Ришард Каја беше доделена на Кристијан Арсовски, студент на Факултетот за Архитектура од Универзитет Св. Кирил и Методиј, додека специјалната награда од амбасадорот на Република Полска во Република Македонија ја прими Томислав Акимовски – студент на Факултет за ликовни уметности од Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Изложбата на студентски плакати на тема „Република Македонија како туристичка дестинација" по нејзиното претставување во Скопје ќе добие патувачки карактер и ќе биде поставена во домовите на култура во 18 градови низ земјата.

Лара Маринковиќ (почесно признание)

Главната цел на конкурсот за студентски плакат на тема „Република Македонија како туристичка дестинација" беше добивање на плакат со современ израз како дизајнерски производ, преку кој ќе се промовира како земја со богато културно наследство, зачувани природни богатства и богата духовна ризница. Преку одбраната тема, организаторите одлучија да стават акцент на прашањето на квалитетно дизајнирана промоција на Република Македонија во светот како атрактивна туристичка и културна дестинација.

Томислав Акимовски (специјална награда)

Овој конкурс беше реализиран во рамки на долгорочната соработка на Плакарт, Музеј на град Скопје и Амбасадата на Република Полска во Република Македонија. Значително влијание во успехот имаше Арт-линк мрежата, иницијатива на Музејот на град Скопје која е соединувачка алка на образовните со културните институции во земјата, во која значајна улога има и Плакарт. Проектот во чии рамки беше организиран и овој конкурс, започна во април 2016 година со изложбата „Полската школа на плакат", која на македонската публика и ја претстави една од најстарите и најкарактеристичните школи за плакат и со предавањето на Лазе Трипков, директорот на Музеј на современа уметност, кој како магистрант на катедрата на маестралниот Лех Мајевски е своевиден претставник на полската школа на плакатот.

Објавено:
17 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
156 пати