Оскар на повидок за Шарлиз Терон како Мегин Кели!?

18 октомври 2019

Пред неколку дена се случи првото затворено прикажување на филмот „Bombshell“ на кое присуствуваа новинари од познати медиуми како и екипата од филмот.

Најголемиот дел од новинарите беа одушевени од глумата на актерките и како совршено ги прикажале вистинските ликови, но особено се истакнува Шарлиз Терон во улогата на Мегин Кели, која е сексуално злоставувана од првиот човек на Фокс, Роџер Ејлс.

Фото: Lionsgate

Никол Кидман пак, ја толкува улогата на Гречен Карлсон, поранешна вработена во Фокс која исто така била сексуално малтретирана од Ејлс и прва поднела тужба против него, што пак довело до негов пад од тронот во 2016 – тата година.

Ејлс никогаш не бил осуден, туку напротив, без да бидат споменати никакви сексуални злоставувања, Руперт Мурдок му исплатил огромна сума на пари за спогодбено да си замине од ТВ мрежата.

Роџер Ејлс, Фото: Lionsgate

Она што воодушевува, како што пишува новинарот од „Variety“, се неверојатните актерски способности на Шарлиз за која многумина предвидуваат Оскар, иако во трка се и Џенифер Лопез и Рене Зелвегер. Ако го добие, ова ќе биде втор Оскар за актерката, откако пред 16 години дома си замина со престижната награда за улогата во филмот „Чудовиште“.

„Се до минатата недела, мислевме дека Рене Зелвегер ќе биде прва на списоците во сезоната на награди...Но, Терон стана нејзина сериозна конкуренција“, изјави новинарот на Variety, Марк Малкин.

Новинарите што го погледнаа филмот коментираат и за тоа дека освен неверојатната сличност со Мегин, Шарлиз совршено го доловува и нејзиниот специфичен глас.

Шарлиз Терон како Мегин Кели Фото: Lionsgate

„Нејзината не е само физичка трансформација, таа целосно го пренесува и гласот на Mегин Кели. На моменти, не сте сигурни дека всушност Шарлиз е во филмот“, пишува Жанел Рајли од Variety.

Светската премиера на филмот низ кината е закажана за 19 – ти декември, а дотогаш останува да ги читаме критиките и да уживаме.

Никол Кидман како Гречен Карлсон Фото: Lionsgate

Инфо: Tportal.hr, Variety, Bussines Insider

Фото: Lionsgate

Објавено:
18 октомври 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
947 пати