Оскарите бојкотирани!

21 јануари 2016

Иако предвидувањата за Оскарите периодов се во центарот на вниманието, сепак светските медиуми уште повеќе внимание обрнаа после изјавите на Aфроамериканскиот режисер Спајк Ли и актерката Џејда Пинкет Смит, кои изјавија дека го бојкотираат годинешното издание на Оскарите.

Бојкотот е во знак на протест што ниту еден црн уметник не е номиниран за оваа престижна награда на Американската филмска академија и тоа две години по ред.

-Како е можно втора година по ред сите 20 натпреварувачи во актеркските категории да се белци? А да не ги споменуваме останатите бранши. Четириесет бели актери за две години, а ниту еден обоен – вели режисерот Ли.

Тој додава дека одлуката да не присуствува на доделувањето на филмските награди во никој случај не претставува навреда за домаќинот и продуцентот на свеченоста, Крис Рок и Реџибалд Хадлин (и двајцата црнци) како ни челните луѓе на Американската академија на филмската уметност и наука.

Спајк Ли

Џејда Пинкет Смит на пошироката публика позната како сопруга на Вил Смит и дел од актерската екипа на „Мактрикс“ „Магичкиот Мајк XXL“, исто така најави дека нема да се појави на доделувањето на Оскарите, ниту пак планира да ги следи по телевизиски пат.

-Можеби е време да ги повлечеме своите ресурси и да ги вратиме на нашата заедница и да правиме програма само за нас, програма во која ќе бидеме признаени на начин на кој што доликува – категорична е актерката.

Џејда Смит

И оскаровката Лупита Нјонго се огласи по пат на социјалните мрежи:

„Разочарана сум од сплетот на околности на годинешниве номинации за Оскар. Ме тера да мислам на ненамерни предрасуди или штети за она што е важно во нашата култура. Сметам дека Оскарите не треба да ги диктираат условите на уметноста во нашето модерно општество, туку да бидат рефлексија на различноста, на најдоброто од она што уметноста има да ни го покаже денес. Ги поддржувам сонародници и припадниците на мојата раса кои повикуваат на промени за ширење на приказните кои се веќе раскажани, како и признание и препознавање на луѓето што ги раскажале“, вели актерката во објавата на нејзиниот Инстаграм профил.   

Лупита Нјонго

Кон овие колеги се придружи и Џорџ Клуни, кој досега два пати беше наградуван со Оскар.

-Американската филмска академија се движи во погрешен правец. Мораме да го подобриме тоа. Порано бевме подобри. Пред десет години, Академијата подобро ја вршеше својата работа. Сетете се колку Афроамериканци  беа тогаш ниминирани. Околу 2004 имаше многу номинирани црнци, меѓу кои и Дон Чидл и Морган Фримен – наведува актерот.

Тој додава дека црнците со право сметат дека филмската индустрија ги запоставува.

-Ние сега зборуваме за Афроамериканците, а за Латиноамериканците ситуацијата е уште полоша – смета Клуни.

Џорџ Клуни

Кон критиките се приклучи и британскиот режисер, Стив Меквин чија драма „12 години ропство“ пред две години освои Оскар за најдобар филм.

-На црните глумци мора да им се даваат фер шанси. Сметам дека расизмот има многу врска со оваа ситуација, но и дека луѓето не се осудуваат да размислуваат надвор од одредени форми за кои сметаат дека им се зададени – вели тој за „Би-Би-Си“.

Сепак, овие критики членовите и гласачите на Академијата не ги примија добро.

-Навистина сум навреден од идејата некои луѓе да ме нарекуваат расист. Кога го давав мојот глас за филмовите, расата ми беше последна на ум. Всушност, јас и номинирав еден од обоените актери. Каква радикална и неодговорна изјава е тоа! – вели еден од членовите за „Hollywood Reporter“.

На рекациите се надоврза и Дејвид Ојелово, член на Академијата, кој го толкуваше ликот на Мартин Лутер Кинг во филмот „Селма“.

-Американската филмска академија не го рефлектира ставот на американската нација и покрај тоа што повеќе од 90 проценти од членовите се белци – потенцира Ојелово.

По бурните реакции се јави и претседателот на оваа институција, кој алудира на тоа дека конкуренцијата оваа година била силна, но исто така се согласува со тоа дека системот на гласање и Академијата мора да претрпат измени. Тие почнале уште пред неколку години, но нивниот ефект бавно се чувствува. Целото писмо може да го прочитате тука.

Објавено:
21 јануари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.971 пати