Отворен повик за учество на дизајнери и уметници на Паратисима 2017

27 март 2017

Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје објавува отворен повик за учество на своето четврто издание што ќе се одржи од 15-17 јуни во Младинскиот културен центар, Скопје.

Повикот е отворен за академски уметници, емергентни автори и работници во полето на креативноста и ги охрабрува сите заинтересирани да експериментираат и да ги трансформираат конвенционалните граници во изразот и уметничкото дело.

Тимот на Паратисима Скопје ги поканува сите модни дизајнери, дизајнери на производ и накит, како и сите визуелни уметници, архитекти, фотографи, режисери и сите останати од сферата на перформансот и мултимедијалните проекти и другите уметнички формати да го споделат своето дело со нова и широка публика.

„Паратисима Скопје е саем на современа уметност што во сѐ поголем број ги вклучува и креативните индустрии, односно дизајнот и модата. Како куратор на делот Мода и дизајн на овогодинешното издание, моја задача е да се подигне нивото на квалитет и да се направи успешен настан што ќе претставува некаква слика на денешната модна и дизанерска сцена кај нас. Особено ги охрабруваме да учествуваат креативците, бидејќи хетерогената и бројна публика на Паратисима е вистинска прилика да го тестираат својот производ или нова колекција. Дополнителен поттик е можноста за учество на партнерскиот саем Паратисима во Торино, Италија што секоја година се обезбедува за десетина наградени како и паралелните можности за остварување на постојани соработки со дизајнерски продавници и  салони”, вели Драган Христов, куратор за Мода и дизајн на Паратисима Скопје.

За повеќе информации проследете ги следните линкови: 

Официјална веб страна: https://www.paratissimaskopje.mk

Facebook: https://www.facebook.com/paratissimaskopje/

Youtube: https://www.youtube.com/channel/UCs7WQZ3rixqabQZ9A_B3L7w

Објавено:
27 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
248 пати