Отворена „Куќа на Мијаците“ – прв ресторан музеј на македонската мијачка култура

17 септември 2016

Помеѓу спокојната тишина и живописната природа, на аголот по патот кој води кон Бигорскиот Манастир, покрај реката Радика – денеска официјално беше отворен првиот ресторан етно-музеј на македонската мијачка култура „Куќа на Мијаците".

Овој култоролошки значаен објект е изграден по идеја на игуменот на Бигорскиот Манастир, Архимандрит отец Партениј и е олицетворение на богатата мијачка традиција, култура и архитектура.
Во суштина и целта на овој објект кој плени со историјата што ја раскажува, исто колку и со импозантната архитектура, има за цел да придонесе кон развојот на верскиот и селскиот туризам во мијачкиот крај во Западна Македонија, а ќе биде раководен од Јонче Николовски од Тетово.

Куќата на Мијаците" е составена од приземје и два ката. Има четири гостински соби за преноќување. Другите две ката со површина од околу 500 м2 се наменети за ресторанот со повеќе простории, украсени со традиционални дрвени таваници и розети, камини, мозаици, складно разиграна орнаментика во преродбенски стил, карактеристична за мијачките простори од 19 век, старински лустери и ламби, дрвени миндери и паравани...

Дополнителен придонес за автентичноста на амбиентот е и тоа што келнерите и останатите вработени ќе бидат облечени во стилизирани мијачки носии што специјално за нив ги изработи македонската модна куќа Елена Лука.

„Голема е привилегијата и честа да се биде дел од еден ваков културно и духовно значаен проект за кој не се сомневам дека ќе остави траен белег во нашата традиција. Елена Лука е долгогодишен искрен пријател на Бигорскиот манастир и Архимандритот Отец Партениј и ние како тим навистина имаме ретка можност да бидеме дел од нешто што се вели трајна вредност. Благодарение на богатата традиција на македонското племе Мијаци, како и уникатната архитектура која се огледува во изградбата на овој прекрасен објект, ние како дизајнерски тим имавме неисцрпна инспирација при создавањето на униформите што ќе го носи персоналот овде. Навистина се потрудивме да создадеме уникат што ќе биде олицетворение на нивната традиција, аристократската мијачка носија и историја, па дури ќе забележите и елементи од автентичните мозаици. При тоа исклучително внимаваме да се задржи изворната орнаментика која исто така ни послужи како инспирација и токму поради тоа создадовме носии кои се во духот на целиот амбиент и богатата историја што ја раскажува, зашто овој објект е на свој уникатен начин и музеј на мијачката култура. Беше навистина голема чест за нас и јавно би сакала да упатам благодарност до Отец Партениј за можноста", изјави Елена Пандева, сопственичка и генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука.

Освен прекрасната орнаментика, ѕидовите на „Куќата на Мијаците" ги красат и црно-бели фотографии од истакнати мијачки духовници, војводи, преродбеници, учители, општественици, уметници..., но и од сегменти од секојдневниот мијачки живот, обичаи, носии и т.н. Сето тоа, архитектурата, ентериерот и екстериерот, внатрешната содржина, орнаментите и фотографиите, храната, музиката и амбиентот, ја прават „Куќата на Мијаците" многу повеќе од обичен етно-ресторан; всушност, таа претставува еден вид ресторан-музеј, една своевидна спомен куќа на славното мијачко минато.


-Навистина, „Куќата на Мијаците" дојде како еден прекрасен украс во долината на бистрата Радика, украс толку хармонично вклопен со целата природа, што човек, кога ќе ја погледне, има впечаток дека таа едноставно е срасната и сродена со сета околина и го облагородува целиот простор. Таа е место каде што човек може слободно да отпочине од секојдневните обврски и грижи, и спокојно да заплови низ минатите векови, да научи нешто повеќе за историјата на тој крај и да се насладува од прекрасната атмосфера и храна, велат од Бигорскиот манастир.

Целиот објект и уредувањето е изработен по идеја на Игуменот Партениј.

– Се смета дека славното словено-македонско мијачко племе, кое ги дало нашите најистакнати црковни, просветни, културни и општествени дејци, потекнува од некој древен царски или благороднички род. Во прилог на оваа претпоставка е и високоразвиената духовна и материјална култура на Мијаците. Низ историјата тие се одликувале со највозвишените човечки карактеристики: вера, благочестие, родољубие, целомудреност, ученољубивост, трудољубие, храброст, решителност. Напојувани од бистрите води на православната христијанска вера, тие оставиле голем и траен белег на духовната култура на македонскиот народ, што, пак, силно се одразило и на материјалната култура, потенцира архимандрит Партениј, пренесува порталот religija.mk.

Топло ви препорачуваме да ја посетите Куќата на Мијаците и да ја почуствувате единствената убавина на тој крај од Македонија.

Објавено:
17 септември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
6.189 пати