Фантастичниот национален парк Плитвички езера во Хрватска, се простира на 29.685 хектари низ Личко - Сењска и Карловачка жупанија.

Поголемиот дел од паркот е полн прекрасна шума, а има вкупно 16 езера кои се простираат на 200 хектари, додека остатокот од паркот е сочинет од трева и неодоливи билки.

Овој парк се смета за најстар и најголем во Хрватска, а е едно од омилените места на Балканот со повеќе од еден милион туристи секоја година.

Тука ќе го најдете потребниот мир, свеж воздух и одлична клима и во најжешките летни денови, кога со семејството можете да уживате во сите негови убавини.

-Кога е најдобро да се посети?

Националниот парк Плитвички езера е отворен во текот на целата година, но најдобро е да се посети во текот на летниот период за во целост да можете да уживате во сите негови убавини.

За да го посетите Паркот потребно е да платите влезница од 55 куни или околу 450 денари за возрасни и 35 куни или околу 300 денари за деца. Она што треба да го знаете е дека овие цени се малку поголеми во текот на летниот период.

Во цената е вклучено и возење со брод и панорамско разгледување, како и осигурување на посетителите.

-Што треба да видите?

Истражувајте ги Горните езера кои се состојат од 12 помали, а кои се меѓусебно одвоени со мов, карпи и други природни бариери.

Погледнете ги и Долните езера и останете малку подолго на кањонот, каде ќе го видите и најголемиот водопад во Хрватска кој е нешто неверојатно.

-Што да правите таму?

Искачете се на планинарската стаза Медвеѓак долга осум километри од која ќе имате прекрасен панорамски поглед на Плитвичките езера. Возете велосипед по означените стази во јужниот дел на паркот и уживајте во прекрасните пејсажи. Во зимските месеци можете и да скијате и бордате во блиската населба Мукиње на ски стазата долга 400 метра. Во зима, голем дел од езерата се замрзнуваат и тоа е дефинитивно глетка што не смеете да ја пропуштите.

-Каде да преспиете?

Во централниот дел на Паркот околу најголемото езеро Козјак, сместен е хотелот „Езеро“ со 210 соби и 19 апартмани од кои два прилагодени за лица со посебни потреби. Има и уште неколку други хотели за преспивање и ресторани каде може да уживате во прекрасната храна.

-Каде да јадете?

Ако сакате да ги испробате домашните специјалитети, посетете го националниот ресторан Личка Куќа.

Инфо: punkufer.hr

Фото: Nacionalni park Plitvicka jezera

Објавено:
13 јуни 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.010 пати