Овации и два биса за Влатко Стефановски

18 март 2018

Големата сала на Македонската филхармонија беше местото каде што вчера се одржа првиот од трите концерти на нашиот виртуоз Влатко Стефановски, а кое ечеше од аплаузи.

Музичарот пред домашната публика ги претстави темите од новиот албум „Мајчин јазик“, притоа негов прв акустичен соло албум. Од нежни ноти до оние што ќе ве возбудат и дури ќе ви го качат адреналинот, Влатко ги носеше присутните низ неговото интимно музичко патување, а публиката го даде своето одобрување.

Таа ја покажа својата почит кон него, но и желба за неговата музика преку беспрекорниот бон-тон, овозможувајќи му и беспрекорна тишина и бура од овации.

Освен новите теми, вечерта помина и во знакот на  добро познатите „Абер дојде Донке„, „Бистра вода“, „Јовано Јованке“.

Музичката вечер ја збогатија и групата „Љубојна“. „Јано мори“ и „Елено ќерко“ звучеа одлично во заедничката вокално-инструментална интерпретација на Вера и Влатко.

Втората најавена гостинка, Биља Крстиќ ја разгали публиката со „Димитрије сине Митре“. Но, она што уште повеќе привлече внимание беше заедничката изведба на Биља и Влатко на „Калајџиско оро“.

„Таа има своја верзија на „Калајџиско оро“, а јас своја. А сега ќе се обидеме да направиме заедничка“, се обрати Стефановски на присутните, а нивните аплаузи и учество во таа изведба беше доволен знак дека им се допаѓа.

Влатко не ја остави публиката жедна ниту за неговите безвременски хитови како „Вера, надеж, љубов“, „Скопје“ и на многумина омилената -  „Џипси меџик“.

Но, појавувањето на Весна Гиновска - Илкова и нумерите што следеа потоа беа совршен завршеток на вечерта. После една сосема нова изведба на „Македонско девојче“ следеше преубавата тема „Time To Say Goodbye“, која во оригинал ја изведуваат Андреа Бочели и Сара Брајтман, но и Весна и Влатко ѝ дадоа свој печат и презентираа изведба од која никој не трепна.

Затоа, на крајот не изненадија ниту овациите, ниту пак двата биса на кои публиката го врати. Веруваме дека оваа вечер беше посебна за гитаристот, како што беше и за присутните.

Воедно, беше одлична најава за уживањето што ги чека оние што ќе присуствуваат на концертот вечерва, или пак во вторник, а сите во организација на „Баги комуникации“.

 

 

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onMar 18, 2018 at 2:18am PDT

Во продолжение погледнете ги останатите фотографии од вчерашното музичко доживување. 

Објавено:
18 март 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
462 пати