Паратисима 2016: Уживање за љубителите на креативноста

11 јуни 2016

Третото издание на интернационалниот саем за уметност „Паратисима Скопје“ е во тек. За оние што викендов сакаат да видат нешто ново, а е токму од областа на уметноста, дизајнот, креативноста, нека се упатат во „Младинскиот културен центар“, кој во целост е посветен на овој настан.

Тие што го пропуштија вчерашното отворање, имаат шанса денес и утре да уживаат во различни уметнички изрази.

инсталацијата на Христина Секулоска и Ирена Милојеска

Уште на самиот влез ќе ве воодушеви инсталацијата на Христина Секулоска и Ирена Милојеска.

Горното фоаје на „Кино Фросина“ е резервирано за главната изложба и специјални проекти, која е отворена цел ден денес и утре, а каде можете да видите различни области на дизајн и техники на рачна изработка. Дел од изложувачите се дизајнерите Евгенија Зафировска, Мелани Димитриeвска, Ивана Арсовска, Марта Дојчиновска и Солза Поповска.

креација на Марта Дојчиновска и Солза Поповска

За љубителите на декупаж техника, ателјето „Craft&Art“ се погрижи да направи романтични и женствени предмети што со сигурност ќе ви го привлечат вниманието.

Craft&Art

Оние пак што сакаат накит, и тоа необичен, ќе бидат привлечени од неколкуте паноа исполнети со обетки, ѓердани,алки од смола, дрво, медиапан, полимерна глина, текстил, филигран...

Еклектика

Останатиот дел од МКЦ е посветен на уметнички дела и инсталации, изработени исто така во различни техники од домашни и странски автори.

Ако сте за добра свирка, вечерва посетителите ќе ги забавува „Фолтин“. Пред тоа, програмата е резервирана за видео инсталација „Живеалиште“ на Брашнар колектив од Спрингфилд, Мисури и Скопје, Македонијa и видео проекција на краток документарен филм „Лица“ на Ханис Багашов од Тетово, како и перформансот „088“ на уметницата Викторија де Ферари Сапето од Џенова и перформансот „Ономатопејски пејзажи“ на ЈЕТ колектив од Лондон.

-За сите оние што не успеаја да бидат дел од отворањето, ги покануваме да дојдат вечерва, односно утре, бидејќи гарантираме добра забава и убава уметност на едно место – порачуваат организаторите.

За тоа што ќе се случува утре, кога ќе бидат прогласени и најдобрите претставувања на саемот, погледнете на линкот тука.

Инаку, уште едно од нештата што го издвојува овој настан од другите е што не се врши пред-селекција, така што може да учествува секој што одговара на посочените барања, а селекција се врши по завршувањето, кога се наградуваат најуспешните.

Блашка Миева

Третото издание на „Паратисима Скопје“ навистина се труди да ја постигне целта на саемот, да биде настан за сите сетила, каде и учесниците и посетителите ќе можат да го најдат она парче уметност и креативност што ги привлекува и секако да овозможи мрежа на контакти со што работата на нашите креативци ќе може да биде видена и надвор од границите на Македонија и обратно - ние ќе имаме можност да видиме дел од креативноста на уметниците од странство.

Во продолжение ви претставуваме што забележи нашиот објектив:

Објавено:
11 јуни 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
530 пати