Патувања низ Европа за секој месец во годината

12 јануари 2017

Авантуристите и љубителите на патувањата, со доаѓањето на 2017 година, сигурно ја направија и листата на места што би сакале да ги видат.

За оние што планираат сега или некогаш во иднина патување низ Европа, во продолжение ви даваме предлози кои места можете да ги посетите и тоа во секој месец од годината.

Почнуваме:

Јануари

Шпанија - Иако многумина преферираат во зимските месеци да одат на тропски места, сепак за вистинските авантуристи Шпанија може да биде вистински предизвик. Во ова време од годината, можете најубаво да ги разгледате сите туристички места на Барселона на пример и да ги искусите. А притоа, сето тоа на умерена температура.

 

Февруари

Холандија – Амстердам може да ви ги понуди работи со кои ќе го засакате февруари. Возење низ каналите, разгледување на музие, истражувањата на градот, долгите прошетки ќе бидат и повеќе од интересни.

 

Март

Франција – За Париз секое време од годината е добро. Дочекајте ја пролетта на романтичен начин, впивајќи ја сета убавина што овој град ја нуди. Температурите ќе бидат идеални за прошетки, а и да застуди, во кој и музеј да влезете, нема да згрешите.

 

Април

Италија – Пролетта е идеално време да го посетите Рим, Наполи, Фиренца, па дури да се спуштите и накај Сицилија. Во Фиренца на пример, температурите се идеални, градот е цел во цветни пуполци. И Венеција е добар избор за сите романтичари.

 

Мај

Хрватска – Не толку далеку од нас, а сепак толку привлечно. Сè уште не е сезоната во ек, па нема да биде проблем и да се најде поповолна понуда. Можеби нема да биде доволно топло за да се избањате, но сигурно ќе уживате во прошетките, бидејќи убавината на островите и градовите како Дубровник или Ровињ ќе ве воодушеват.

 

Јуни

Словенија – уште една земја од поранешна Југославија, во која дефинитивно нема да се чувствувате како да сте на Балканот. Оние што ја посетиле велат дека е една од најуникатните во Европа и кој еднаш бил, постојано ќе ѝ се навраќа. Јуни е одличен за Словенија поради температурите, а кога сте таму можете да ги посетите и Алпите.

 

Јули

Шведска – Сонцето во ова време од годината е идеално и не заоѓа со недели. Деновите се долги и светли, па забавите се честа појава. Баровите и кафулињата се отворени речиси постојано. Веројатно ваквиот одмор за многумина е неочекуван. Во јули сите би оделе на море, но зошто да не пробате нешто друго. И во Шведска постојат места каде што можете да пливате и тоа на полноќ, да играте голф...

 

Август

Полска – Ако сте размислувале некогаш да ја посетите оваа држава, тогаш дефинитивно летото е вистинското време за тоа. Во Полска знае често да биде врнежливо, затоа веќе кон крајот на јули и август доминира сонцето. Ако се двоумите кој град да го посетите, скокнете ја Вршава и разгледајте ги градовите што изобилуваат со историја како Краков или Гданск. Исто така, Полска ги има едни од најубавите природни паркови во Европа, па дефинитивно ќе имате и што да видите и посетите.

 

Септември

Сардинија – или другите медитерански острови. Кога сите се враќаат од годишните одмори, вие тогаш одете. Водата во овој дел е одлична и ќе го искусите идеалното лето, без неподносливата жештина, а со многу поевтини хотелски сместувања.

 

Октомври

Португалија – Не постои поидеално време за посета на Португалија од есента. Можете да очекувате идеални временски услови, па дури можете и да се избањате во Атлантикот. Со оглед на тоа дека летата во Лисабон на пример се неподносливо жешки, октомври ќе биде идеален. Совршено време за сончање, пливање, релаксација или за посета на знаменитостите. Порто, Лисабон или Алгарве – сеедно, секаде е прекрасно!

 

Ноември

Шкотска – Ако сакате да видите убавина, тогаш одете во Пертшир, регија во Шкотска која е прогласена за една од најубавите, особено во есен. Во ноември можете да направите и пат околу земјата, и да ги разгледате неверојатните замоци. Она што е важно е да си земете топла облека, посебно отпорна на ветер, за доживувањето да ви биде комплетно.


Декември

Германија – На пример Берлин е одлично место каде што ќе ја зпочнете празничната сезона. Има големи божиќни саеми, а градот е урбан и совршен за туристите. Втора опција е Австрија и Виена. И сто пати да сте биле во оваа културна престолнина, таа секој пат одново ќе ве освои.

Објавено:
12 јануари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.631 пати