Пет години „Лице в лице“ со реалноста

18 септември 2017

Во присуство на пријатели, соработници, граѓани-поддржувачи, претставници на инсустиции, уметници, амбасадори..., уличното списание „Лице в лице“ изминатиот петок го прослави својот петти роденден.

Тоа беше и повеќе од добра причина да поразговараме со главниот и одговорен уредник на списанието и извршен директор на „Паблик“, Климентина Илијевски, која не го криеше задоволството што оваа приказна, која започна срамежливо, го дочека овој мини, но многу значаен јубилеј.

Климентина Илијевски

- Секој настан на „Лице в лице“ ми е посебно доживување поради луѓето што се дел од тие случувања. Тоа се граѓани кои што поттикнуваат промени, нудат решенија и прават конкретни чекори за подобро општество. Опкружени сме со луѓе кои веруваат во иницијативата и тоа е нашата движечка сила. Да се одржи иницијатива како „Лице в лице“ во средина со неразвиен еко-систем за социјално претприемаштво е успех кој верувам дека ќе биде поттик и за идни социјални претприемачи. Прославата на овој успех во петокот беше навистина емотивна. Толку искрени прегратки меѓу луѓето и толку среќни лица на едно место, одамна не сум видела – признава Илијевски.

Тимот на ова списание, чиј дел се секако и продавачите со кои веројатно секој од нас се сретнува на дневно ниво, си даде нималку лесна задача. Но, во неа најде исто толку и голем предизвик, да се успее и да се истрае во идејата што нуди прегрнување на различноста од секој тип и уште поважно - поттикнување на свеста и потребата за социјално претприемништво. Преку „Лице в лице“ се наметна и размислувањето за (де)маргинализирањето не само на луѓето, туку и на теми со круцијално значење за едно општество.

-Во овие пет години „Лице в лице“ пионерски го одеше патот на социјалното претприемаштво во Македонија. Се надевам дека во следните пет ќе растеме барем со уште 100 нови социјални претпријатија преку чие искуство ќе покажеме дека иднината на бизнисот е во социјалниот бизнис. Станува неопходност да се посветиме на социјалната економија, а тоа од нас го бара високата стапка на невработеност и стапката на сиромаштија во земјава, загадувањето, несоодветното управување со отпадот, нерамномерниот регионален развој... „Лице в лице“ во измнативе пет години во своите програми вклучи околу 100 ранливи лица, а 5 милиони денари стигнаа до најранливите граѓани преку нивниот работен ангажман, преку овој двомесечник. Во ова петгодишно искуство како социјално претпријатие за работна интеграција, експериментиравме, учевме од своето искуство и ги осознававме потребите на ранливите групи вклучени во нашата програма и се надевам дека во исто време придонесовме во подигнувањето на свеста во какво општество би живееле доколку профитот целосно или поголем дел од него се вложува во општеството. Не би зборувала за трнливоста на патот што го изодевме и борбата да се издаде секој нов број. Она што сега го гледам е среќни продавачи кои навистина се вклучени во општеството, а дел од нашите поранешни продавачи се веќе и вработени -  потенцира уредничката.

Насмевките, топлите и искрени зборови, радувањето на средбата со луѓето што знаете дека се подготвени за искрена прегратка и помош е веројатно најголемото признание и награда што може да се добие. Сепак, „Лице в лице“ не заборави на оние што несебично го дадоа својот придонес за оваа приказна не само да се нарече, туку и да биде успешна, па во рамки на роденденот се доделија и признанија „Лице в лице – Арка“. Исто така, присутните можеа да ја видат и изложбата „Бегалци во сопствената земја", која премиерно беше поставена во Струга, на крајот од јули, на промоцијата на актуелниот број на „Лице в лице".

Сепак, досегашните пет години се само ветер во грб за следните предизвици со кои ќе се соочи тимот при остварување на своите цели.

-„Лице в лице“ е иницијатива која што се развива и сè уште не е самоодржлива, поголемиот дел од тимот вклучен во неа, работи волонтерски. Она што е наша цел во следниве две години е постигнување самоодржливост, а списанието да излегува наместо на два, на еден месец. Тоа од нас го бараат и продавачите, и публиката – вели Климентина.

Ние им посакуваме уште многу успешни броеви, проекти, години работа и голема конкуренција. И во наредните пет години да бидеме „Лице в лице“ со поубава реалност. 

Повеќе фотографии од атмосферата можете да погледнете ОВДЕ, а како изгледаше една наша дружба со дел од членовите на „Лице в лице“ ве потсетуваме ТУКА.

фото: Лилика Стрезоска

Објавено:
18 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
234 пати