„Pink Floyd“ ечеше во Градски парк во Скопје

23 јуни 2017

Дека сме жедни за урбани и културни настани зборува и вчерашното, јубилејно издание на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга", во организација на Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија. Одличната програма и веќе докажаното реноме на настанот, собраа многубројна публика од различни генерации.

Традиционално и оваа година настанот се одржа во Градскиот парк во Скопје, а ова 10-то издание беше посветено на музиката на култниот и еден од најзначајните бендови во музичката историја „Pink Floyd".
Беше вистинско уживање да се слушнат „ Comfortably numb", „Us and Them", „Money", „Wish you were here", „Another brick and the wall" и уште бројни други хитови од различни временски периоди на музичкото творештво на „Pink Floyd" во изведба на Македонската филхармонија, под диригентско водство на Џијан Емин. Сите пофалби и длабок поклон заслужи солистот на концертот (вокал и гитара), Ади Имери.

Додека публиката уживаше во музичкото задоволство, свои уметнички перформанси имаа уметниците Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.

Годинава публиката на подарок ја доби книгата „За одењето по мраз" од Вернер Херцог.

 

 

Објавено:
23 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.805 пати