Писмо од Македонка во Италија: Мислам на денот кога повеќе нема да добиваме само лоши информации...

25 март 2020

Во нашата редакција пристигна писмо од наша читателка, Адриана Пеев, Македонка која живее во Пјаченца, Италија.

Во писмото таа го пренесува нејзиното лично доживување на целата ситуација, додека како и остатокот од светот, седи изолирана во својот дом во Пјаченца.

Ви го пренесуваме во целост.

-Надвор е се потопло и потопло, а седењето дома во овој период и не е баш вообичаено. Некои денови минуваат бавно, некои малку побрзо. Сега, кога светот како да застана, гледајќи низ прозорецот си ги продлабочувам мислите. Се прашувам, кога сето ова ќе заврши? Мислам на денот, кога веќе нема да добиваме само лоши информации... Сфаќам дека ми недостигаат луѓето, дури и оние кои не треба. Ми недостигаат моите секојдневни обврски. Ми недостига патувањето. Ми недостига секојдневието од порано. Мислам дека овој грд вирус и не нè научи баш нешто, немавме потреба да разбереме колку е убав животот. Го знаевме тоа, само што на моменти бевме толку изгубени, замислени, презафатени, пребрзи... Помеѓу ѕидовите на мојата куќа, ме обзема чувство на тишина. Место каде се чувствуваме најсигурно. Заштитени од надворешниот свет. Вдишувам длабоко и ги затворам очите. Мислам на тоа, кога ќе се разбудиме од овој кошмар?

"Сè ќе помине, сè ќе биде добро". Ќе се смееме како порано, дури и погласно.
Не знам за вас, но јас лично мислам дека многу работи ќе се променат после ова. Нема ништо да е исто. Можеби и нашите навики ќе се променат. А кој знае? Можеби ова е баш тоа што ни требаше на сите: да застанеме малку, и да дишеме. Да се научиме да ја гледаме убавината и во наједноставните нешта.

#sedisidoma  #everythingsgonnabealright  #ќебидедобро 

Објавено:
25 март 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.860 пати