„Правта на библиотеките“ – Нов роман од академик Митко Маџунков

27 ноември 2019

Во издание на Издавачки центар ТРИ деновиве излезе новиот роман на академикот и писател Митко Маџунков, насловен Правта на библиотеките.  Тој е дел од познатиот „белградски“ циклус романи на Маџунков, кои се случуваат од сабота до понеделник во мај 1986 година, а чие „дејство“ опфаќа подолг временски период (годините пред распадот на Југославија, па сѐ до разнебитувањето на Македонија). Циклусот започна со романот Времето на ирвасите, а по него следуваа Птиците од ланските гнезда (добитник на наградата Роман на годината), Непостојната книга, Правта на библиотеките, а целината ќе се заокружи со Времeто пред приказната, чие објавување е планирано за 2020 година.

Како една заокружена приказна, романот говори за светот како пародија на сопствените вредности, базиран врз фалсификати наспроти злоупотребените оригинали. По настаните од неделата, „кога според некои непроверени вести, пропаднал светот“, осамнува сосема обичен понеделник исполнет со заборав, како ништо страшно да не се случило, но наскоро следува изненадување, а дејството се префрла во подземјето. Во романот е устроен еден сосема нов книжевен простор каде што „Пеколот на Данте Алигиери“ станува само едно негово катче – а низ тој простор Дон Кихот слободно шета борејќи се за спасот на Македонија.

Митко Маџунков

Творештвото на академик Маџунков не само што се наоѓа на врвот на македонската книжевност, туку е општо познато и високо вреднувано. Доволно е да се каже дека неговите дела се закитени со повеќе награди и им даваат на нашиот книжевен израз и на нашиот книжевен јазик дополнителна доблест. Правта на библиотеките е уште една потврда за неговото извонредно романсиерско мајсторство.

Објавено:
27 ноември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
184 пати