Премиера: „Атомски од десно“- метафора за капитализмот во кој што живееме

12 мај 2014

Српскиот филм „Атомски од десно“ во режија на култниот Срџан Драгојевиќ во саботата вечер ја доживеа својата премиера. Во присуство на режисерот, дел од актерската екипа, јавни личности, просторот на киното Милениум беше премал и за сите љубопитни граѓани кои што со нетрпение чекаа за да го проследат најновото филмско остварување на  Драгојевиќ.

Сцена од филмот Сцена од филмот

По неверојатниот успех што ги постигнаа филмовите, „Ние не сме ангели“, „Рани“, „Убавите села, убаво горат“ и последниот „Парада“, српскиот режисер Срџан Драгојевиќ ни го презентираше својот најнов филм „Атомски од десно“, во кој што улогите ги толкуваат добро познатите Срџан Тодоровиќ, Тања Рибуќ, Бојан Навојец, Бранко Ѓуриќ, Мира Бањац, нашата Ана Костовска и други. Филмот е реална балканска приказна за обичните луѓе со големи соништа, за луѓето чии желби и апетити се поголеми од нивните реални можности.

„Атомски од десно е онаа команда од југословенската народна армија од пешадиската обука која значи дека кога ќе падне атомска бомба тогаш се фрлате на спротивната страна. Глупава команда ама мене ми послужи како одлична метафора за капитализмот во кој живееме и во кој што сите сме на некој начин затекнати. Капитализмот падна како атомска бомба и никој не успеа да се спаси, сите загинаа. Тоа е од прилика приказната која што ја раскажува филмот“, ни откри режисерот.

На прашањето за тоа какви се неговите очекувања од овој филм Срџан вели дека овој е дефинитивно еден од неговите најдобри филмови, но публиката е таа која што ќе го има последниот збор.

„Јас не режирам филмови за да бидат популарни туку создавам приказни од нештата што мене ми го привлекуваат вниманието. Ова не е комедија, нема да и биде толку лесно на публиката како што беше случајот со „Парада“ или „Ние не сме ангели“, овој пат станува збор за многу поозбилен филм“, додаде Драгојевиќ.

Ана Костовска која што поголемиот дел од домашната публика ја препознава по „Бушавата Азбука„, „Бастион“ и евергринот „Коњи брзајте“, на црвениот килим се појави во прекрасна црна тоалета, дело на модната куќа Елена Лука. Таа беше дел од екипата на филмот и се надева дека публиката ќе се најде заинтригирана од приказната. Според неа, филмот е тежок и горчлив и воопшто не наликува на претходните филмови потпишани од овој култен режисер.

„Слушнав и негативни коментари за филмот, но мене секогаш ќе ми остане во убаво сеќавање. Уживав во снимањето и ќе ми биде драг спомен се во врска со филмот, па дури и за ова што се споив со Елена Лука. Тоа беше случајност во низата на убавите случки што се врзани за вој филм. Голема чест ми е и задоволство што имав можност да прошетам модел на овој бренд. Ме мазеа и пазеа како да сум Анџелина Џоли, а не сум. Пресреќна сум за целата ситуација“, ни раскажа актерката.

Меѓу познатите личности пред почетокот на филмот го видовме и Тони Михајловски кој што пристигна во друштво на својата сопруга Александра Јорева, а беше дел од екипата која што работеше на претходниот филм на Срџан Драгојевиќ „Парада“ .

„Не го погледнав трејлерот, за жал,  знам дека ќе уживам во филмот како и во сите филмови на Срџан. Тој е мајстор на овој занает и тоа докажан веќе , јас се надевам искрено дека многу наскоро ќе не почести со еден филм во Македонија во негова режија“, вели Михајловски .

На прашањето дали српската продукција подобро функционира од македонската со оглед на популарноста која што ја достигнаа претходните филмови на Срџан тој вели:

„Кој што работи тој и ги греши да не донесуваме суд пред да дојде сметководителот. За овој филм сум врзан интимно бев поканет да ја играм и главната улога, но заради моите обврски во Македонија не можев да прифатам.  Од него дури и да згреши секогаш ќе научам нешто од неговите филмови, мислам дека Срџан не го оптоварува тоа неговиот background, не го оптоварува багажот туку оди напред кон нови филмови па што ќе му донесе ни самиот не знае“, заклучува актерот.

На официјалната промоција ја забележавме и младата и  шармантна актерка Драгана Левенска.

„Кога се работи за Срџан моите очекувања се навистина големи. Кога ќе ги земам во предвид неговите последни филмови со кој што имам во едно и растено и со цела таа актерска екипа која што е во Београд секогаш со радост им се навраќам на неговите филмови. Ми се има случено да го гледам по еднаш, два пати па дури и три пати и сега со големо задоволство ќе го погледнам „Атомски од десно“ и многу ми е драго што Ана Костовска игра во овој филм“, ни кажа Драгана.

Филмот имаше свое премиерно прикажување и во Битола во неделата вечер.

Објективот на нашиот фотограф низ толпата луѓе која што помина низ црвениот килим забележа мошне интересни модни изрази кои што дефинитивно беа спој на урбаните, модерните и тренди тендиции.

Објавено:
12 мај 2014
Категорија: 
Култура