Премиера на балетскиот спектакл „Ана Каренина“ во МОБ

20 декември 2018

На 25 декември во Македонската опера и балет ќе се случи премиерата на балетскиот спектакл „Ана Каренина“ на Петар Илич Чајковски со кореографија на Лео Мујиќ од Хрватска.

На сцената на МОБ ќе настапат Мими Поп Алексова како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски и Васил Чичијашвили од Грузија како Каренин.

Од МОБ велат дека е голем предизвик да се направи уметничко дело кое за драматуршка предлошка има двајца великани на руската и светска уметност и култура: Лав Николаевич Толстој и Петар Илич Чајковски.

Имено, станува збор за едно од најпознатите светски литературни дела од крајот на 19 – тиот век кое досега претставувало инспирација за многу театарски и филмски креации.

„Еве го сега пред нас, како инспирација за кореографот Лео Мујиќ и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет. Чајковски во својот прекрасен опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, но никогаш не искористил дело од Толстој. Сепак, за романтична приказна како што е Ана Каренина како најсоодветна се покажа токму неговата музика“, велат од МОБ.

Премиерата ќе се случи на 25 – ти декември во 20 часот во МОБ, а за сите оние кои нема да успеат да ја погледнат премиерата, балетската претстава ќе се прикаже и на 29 – ти декември.

Објавено:
20 декември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
345 пати