Премиера на „Не сега, драга“ за 6. роденден на Театар Комедија

28 март 2018

Вчеравечер со премиерата на претставата „Не сега, драга" од Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски, театарот Комедија го прослави својот 6. роденден, а воедно и Денот на театарот.

Приказната е за еден парламентарец од Куманово кој доаѓа во Скопје на состанок во Собранието, се сместува во хотел и има закажано љубовен состанок со секретарката на Претседателот. Меѓутоа, со пратеникот доаѓа и неговата сопруга и тука почнува "хаосот"... Според режисерот Ангеловски се работи за комедија на ситуации, "булеварска комедија", смешна, со брз ритам...

"Претставата може да се нарече и "Хотел Македонија". Оваа претстава ја правев пред околу 25 години во Драмскиот театар Тогаш се одиграа 250 репризи, а се надевам дека и оваа претстава која ја работевме два месеца ќе има голем број репризи. Актерите се фантастични", кажа режисерот на прес конференцијата.

Во комедијата играат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Дарко Вељиќ, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Жарко Димоски и Тања Мицков.

"Театар Комедија ќе гостува и надвор од Македонија, во Црна Гора, како и на неколку фестивали. Од Министерството за култура добиени се и средства за реконструкција на дел од објектот. Исто така потпишан е договор со Драмскиот театар од Благоевград каде се предвидени меѓусебни соработки и гостувања, а ќе се потпишат и меморандумски договори со театрите од Белград и Загреб, кои го негуваат жанрот комедија", изјави директорот на театар Комедија, Сашо Ристовски.

Актерот и режисер, Роберт Ристов, како дел од тимот на овој театар, упати честитка по повод Светскиот ден на театарот што се поклопи со роденденот на неговата матична куќа.

-Да се живее мигот овде и сега, на сцена, со посветеност, интензитет, емотивна и енергетска ангажираност, без да се штедиш, како во најбитните моменти во животот, непрестано да се трага по решенија кои се доволно добри за да ја заслужат сцената и да не ја потценат публиката, секојдневно да се обидуваш да ги рушиш поставените лимити, за да отидеш потаму, е работата која знае да те стави во најголемата бездна но и да ти приушти да чекорош по облаци и мориња, да леташ, да лебдиш, да паѓаш, да умираш и повторно да се раѓаш. На сите оние кои го одбрале овој живот- професија, им го честитам светскиот ден на театарот! Среќен ви празник драги театарџии!

 

Објавено:
28 март 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.610 пати