Принц замина во легендите

21 април 2016

Во светските медиуми пред неполн час одекна веста за смртта на Принц. Според американскиот сајт „ТМZ“ (кој прв објави и за смртта на Мајкл Џексон), музичарот починал денеска, во утринските часови во своето студио во Минесота.

Инаку, полицијата соопштила дека истражува смрт на личност на имотот на кој се наоѓа и студиото на музичката икона, но локалната шерифска служба не сакала да го потврди идентитетот на починатиот маж чие тело е пронајдено.

Сè уште се утврдуваат причините за смртта, но според првичните информации, Принц неодамна се жалел на силен грип. Во петокот тој патувал со приватниот авион, кој морал принудно да слета токму поради тоа што музичарот се жалел дека не се чувствува добро.

Веднаш потоа бил хоспитализиран, по што викендот веќе заминал дома, а на медиумите им соопшти дека има тежок облик на грип. И покрај тоа, Принц утредента го одржа закажаниот концерт.

Трагичната вест ја потврди и ПР-от на музичарот, Ивен Ноел.

-Со огромна жалост и тага потврдувам дека легендарниот изведувач, Принц Роџерс Нелсон почина утринава во неговата „Paisley Park“ резиденција, на 57-годишна возраст. За сега нема детали околу причината за смртта - соопшти Ноел.

Принц е роден во Минесота во 1958 година. Првата песна ја пишува на седумгодишна возраст. Првата демо снимка пак, ја прави на 19 години, како дел од бендот „94 East“ кој го основа со роднина. Наскоро се впушта и во соло кариера. Првиот албум го објавува во 1978 година, а со другиот што го носи неговото име, доживува  голема популарност. Токму оттогаш ќе останат запаметени хитовите „I Wanna Be Your Lover" и „Why You Wanna Treat Me So Bad?".

Неговите албуми се продадени во преку 150 милиони примероци. Една од неговите препознатливости е тоа што експериментираше со многу жанрови од поп, фанк, џез, преку блуз, рок, хип-хоп, па сè до електроника, како и ексцентричната појава и настап.

 



Објавено:
21 април 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
5.416 пати