Промоција на книгата „Будење на свеста“ од Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ

5 февруари 2019

Издавачката куќа Паблишер со задоволство ве поканува на промоцијата на книгата „Будење на свеста", првото заедничко дело на авторите Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ. Промоцијата ќе се одржи на 7 февруари (четврток), со почеток во 19 часот, во хотел „Мериот".

„Будење на свеста" не е обична книга, туку е авантура испреплетена со универзални знаења кои ја поттикнуваат личната и духовна преобразба. Секој збор, секоја мисла во оваа книга е како нуркање во најдлабоките, најмагичните и најисцелувачките ритуали на постоењето. Оваа книга ќе ви овозможи вистински да се спознаете себеси и свесно да ја косоздавате својата реалност. Новиот свет е нова димензија на постоење сега и овде, свесно разбирање дека во универзумот постои творечка моќ која е извор на целокупното постоење. „Будење на свеста" е водич за оваа лична и колективна преобразба.

Катерина Ангеловска е сертифициран тренер за принципите на успех според методот на Џек Кенфилд, води разновидни обуки и семинари и целосно е посветена на мотивирање, инспирирање и тренинг на денешните генерации. Авторка е на книгата „333 афирмации", која постигна голем успех во Македонија, по што беше преведена на албански и на англиски јазик. Радован Витошевиќ, магистар по економски науки, повеќе од десет години работи како извршен директор во повеќе компании во повеќе земји, себелидер и лидер на други, корпоративен тренер, јавен говорник, претприемач и инвеститор.

Оваа моќна двојка, која заедно ја создава својата животна империја, верува дека книгата има моќ позитивно да го трансформира животот на сите човечки битија во општеството.

Објавено:
5 февруари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
644 пати