Промовирана книгата „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“

14 февруари 2020

Националната опера и балет беше местото каде вчера се одржа промоција на книгата Сценографското дело на Живојин Трајановиќ од проф. д-р Владимир Величковски и изложба од уметничкото творештво на академскиот сликар-сценограф Живојин Трајановиќ.

Националната оперска и балетска куќа ја имаше честа да биде домаќин на овој настан, посветен на човекот кој целиот свој работен век го помина допринесувајќи во процесот на поставување оперски и балетски претстави, создавајќи успешни и  уникатни сценографски решенија.

„...Со кревањето на завесата, првиот збор го кажува сценографијата...“ – Живојин Трајановиќ

Содржината на монографијата издадена во 2018 година и изложбатата опфатија информации за творечкиот процес на Трајановиќ, како и  идејни решенија за голем број претстави, презентирани во вид на скици. Концепциски е поделена на оперски, балетски и драмски дел.   Содржината на книгата насловена „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“ и изложбата имаат навистина голема вредност и значење.  Монографијата има повеќекратно значење, бидејќи е документиран преглед за неговиот личен уметнички израз, 40 годишна плодна работа и истовремено  сведоштво за  голем дел и  голем временски пероиод од развојот на македонската сценографија. Со реализацијата на 29 сценографии за оперски и петнаесетина за балетски претстави, со неговиот уникатен пристап, соработка со реномирани македонски но и странски режисери, Живојин Трајановиќ остава важен белег во работата на оваа институција и македонската сценска уметност -  воопшто.

На промоцијата се обратија:Проф. д-р Владо Величковски, автор,проф. д-р Татјана Филиповска, промотор, м-р Васо Ристов, директор на Национална опера и балет, Костадин Костадиновски, музиколог и Снежана Конеска Руси, модератор

Оперските солисти Славица Петровска Галиќ, Марјан Николовски, Васко Здравков со пијано придружба на Јанинка Невчева и балетскиот солист Ивана Коцевска настапија во рамки на кратката музичка програма, што беше дел од свечениот настан. Свое видео обраќање, со цел да ја поздрави убавата соработка и да го сподели нејзино лично видување за сценографиите на  Трајановиќ имаше и поранешната првенка и уметнички раководител на балетот, Катерина Кипроска.

Објавено:
14 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
129 пати