Првиот концерт на Лозано долго ќе се памети

25 март 2019

„Овој концерт ќе се памти“, ова е најчестиот коментар што може да се слушне и прочита и ден после концертот на Влато Лозаноски.

Дечкото што пред 10 години срамежливо се појави на македонската сцена, го доживеа својот прв солистички концерт пред полна сала „Борис Трајковски“.

Тоа беше вечер исполнета со многу емоции, убави ноти и многу насмевки. Лозано и неговиот бенд составен од млади музичари и енергични, кои дополнително придонеса за атмосферата, како и фантастичното осветлување и светскиот изглед на сцената, направија оваа музичка приказна да биде комплетна.

Првите тактови од песната „Километри“ го отворија концертот и веднаш предизвикаа емоција кај публиката, која наизуст ги пееше сите песни.

Сонот за Влатко во саботата стана реалност. Од деца до возрасни, тој покажа дека неговите песни се за сите генерации и за сите времиња.

„Мандарина“, „Кога мене ќе ме немаш“, „Душо варљива“, „Јако јако“, „Мајко“, „Надеж“, „Со тебе поубав е денот“, се дел од хитовите кои ечеа во салата.

Посебно емотивна беше изведбата на „Сонце не ме грее“, еден од првите големи хитови на пејачот, кога буквално и целата сала беше претворена во ѕвездено небо.

Гостите „Некст тајм“ дополнително ја разбрануваа атмосферата и публиката со изведбата на „Ја излези Ѓурѓо“, а во интерпретацијата подоцна им се вклучи и Лозано, што нависитна беше момент за паметење.

Воедно, не само на сцената, пејачот ја имаше поддршката од колегите и медиумите и во публиката, па Тамара, Каролина и Елена Ристеска се само дел од оние што не штедеа аплаузи и пофални зборови.

Вечерта во која сите пееја, танцуваа и се радуваа заврши како што и почна - со уште една изведба на „Километри“. Публиката го врати Лозано на бис, а тој пак со неа во еден глас го испеа во моментов, неговиот најголем хит!

Тоа на некој начин беше и симболично затворање на концертот. Започна со изодените „километри“ до концертот, а заврши со најава за претстојните, во кои му посакуваме уште многу вакви успешни концерти и хитови што ќе останат да се пеат и години подоцна!

Во продолжение погледнете дел од атмосферата:

Објавено:
25 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
805 пати
Тагови: 
Лозано концерт