Првото издание на „Литера“ ја освои детската публика

17 април 2019

Изминатиов викенд во Музејот на современа уметност се одржа првиот Меѓународен фестивал за литература за деца и илустрација „Литера 2019“ што наиде на огромен интерес кај младата публика.

Во рамки на фестивалот беа организирани бројни работилници со авторките Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Маја Веселиновиќ, Ана Кадоиќ и Катерина Николовска на кои можевме да видиме колку всушност децата ги интересираат вакви заеднички проекти.

Она што беше особено интересно е ретроспективната изложба на македонската илустрација до 1990 преку која се потсетивме на некои од најпознатите дела со кои пораснаа многу генерации.

За успехот на првиот фестивал за детска литература и илустрација разговаравме со дел од организацијата на истиот.

„Првото издание на фестивалот „Литера“ не само што ги оправда туку искрено и ги надмина нашите очекувања. Огромниот број посетители и позитивната атмосфера се најдобар доказ дека на Скопје му недостасуваше ваков настан. Особено сме среќни што и дечињата и родителите си поминаа убаво на Литера и што сите заедно успеавме да ја поттикнеме детската креативност, да потсетиме за значењето на книгите за развојот на децата и да „украдеме“ безброј детски насмевки“, велат организаторите.

Тие велат дека токму овој неверојатен успех на дводневниот настан за нив е одличен мотив уште отсега да почнат да го подготвуваат новото издание.

„Тимот на „Литера“ е во подготовка на активностите до следниот фестивал кој ќе биде со многу подобар концепт и многу нови содржини. Вам ви благодариме за неизмерната поддршка која ни ја давате“, велат од организацијата.

Децата уживаа во сите активности кои беа организирани за нив, а најмногу на работилниците на кои цртаа, читаа со познати актери, па дури и ја гледаа нивната омилена претстава за Лисичко и Калинка.

Овој настан беше уште еден доказ дека децата се најискрена публика, а штом тие уживаа, со нетрпение го очекуваме и следното издание на одличниот фестивал.

Објавено:
17 април 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
316 пати