Разменотека во Градски парк: Донесете што не ви треба, земете си што ви треба!

16 јуни 2017

Ако веќе некое време се обидувате да им најдете вистинско место на работите што повеќе не ви се потребни, тогаш оваа недела во 16.30 часот во Градскиот парк ќе имате можност за тоа.

Кај новото павиљонче во стариот дел од паркот, ако одите од Школка кон Зоолошка, ќе наидете на супер настан наречен Разменотека каде ќе може да однесете сѐ што не ви треба и да си земете сѐ што ви треба.

Идејата е разменување на работи без пари, а со добра атмосфера. Другите правила се произволни.

Како што велат од непрофитната организација „Кален“, во игра се материјални и нематеријални работи. Може да се замените и за совет, рецепт, песна, идеја... Може да донесете и билки, семиња, уметнички дела, облеки, ѕирнете и кај капите и ракавиците, во кујна, можеби имате вишок празни или полни тегли, стара правосмукалка, штоф за шиење, цреши од двор, играчки, скии, лакови за нокти, очила, книги, плочи....

Донесете си и јаженца, штипки, закачалки, ќебенца за поубаво да си ги наредите, поубаво да ви се видат и полесно да си ги размените работите што сте си ги донеле.

Принципот на размена определете си го вие: земи и со здравје да си го носиш или дај ми да ти дадам.

Сѐ што ќе ви остане, а не сакате да го вратите дома, ќе биде донирано во хуманитарни цели. Заинтересираните хуманитарни организации се добредојдени да се пријават за на крај да ги подигнат останатите работи.

Објавено:
16 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
539 пати