Роденденски концерт на SMUT во МКЦ

30 ноември 2016

Еден од најпочитуваните метал-кор бендови во регионот, SMUT, на 2-ри декември (петок) заедно со своите фанови ќе го прослави 20-годишното постоење со концерт во Младинскиот културен центар.
Концертот се одржува во рамките на култниот музички фестивал Таксират, кој пак оваа година го слави своето полнолетство.

Како специјални гости на концертот ќе настапат Point Blank и Cortex.

„Кога пред 20 години SMUT почнаа да свират немаше метал-кор во Македонија. Денес зборуваме за бенд кој е основоположник на стилот во регионот и една од најценетите групи во овој дел од Европа. Во 1996 година во Западно Скопје групата ја формираа деца кои денес се семејни луѓе со четири албуми и стотици концерти позади себе, од кои некои заедно со Sick of It All, Biohazard, Integrity, Hatebreed, Madball, Ignite... Поентата на оваа група отсекогаш била во живите настапи. Спремајќи се за снимање на својот петти албум кој излегува во 2017 групата ќе отсвири дел од новиот материјал во МКЦ, и тоа верувале или не (знаејќи дека SMUT ги има наполнето сите скопски клубови!!!) на својот ПРВ самостоен концерт во денсинг салата. Ѓорѓи, Баге, Горан, Дарко и Неврус ја спремија славеничката торта и како и секогаш ќе остават срце на бина. Овој пат на Таксират 18, SMUT 20", велат дечките од бендот во соопштението до нивните фанови.

Инаку на 9-ти декември во Метрополис Арена, Таксират ја пречекува својата публика на главната фестивалска вечер за заокружување на 18-тото издание на фестивалот. Финалната вечер на ТАКСИРАТ 18, како целовечерно славење на македонската музика, за првпат во историјата, на иста сцена ќе ги претстави гигантите на домашниот современ звук: Архангел, Кирил Џајковски, Санаторум, Фолтин и Чиста Околина.

Честа да ја отвори оваа програмата на главната вечер ќе ја има подебникот на годинашниот ЛУЗЕР ФЕСТ, групата CONTACT 59!

 

Објавено:
30 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
126 пати