Сакана како чоколадо, оригинална како поезија- Жулиет Бинош ѕвезда на Манаки

9 септември 2014

На 35 – тото јубилејно издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ покрај исклучително богатата филмска програма, публиката ќе биде фасцинирана  и од гостинската ѕвезда на годинешниот фестивал. Директорката на фестивалот, Лабина Митевска со огромно задоволство на денешниот прес  рече дека после неколку годишни преговори ја остваруваат пред се нивната огромна желба, да ја донесат во Македонија најбараната актерка и една од најголемите на сите времиња, Жулиет Бинош.

Во нејзина чест, фестивалот ќе го отвори нејзиниот последен филм кој своите премиери ги имаше во Кан и Торонто, насловен „Облаците на Силс Марија“, каде игра заедно со Кристен Стјуарт и Клои Грејс Морец. Интересен е фактот што овој филм е специјално напишан за Бинош од страна на режисерот.

Името на оваа француска актерка е поврзано со огромен број примери на нејзиниот вонсериски актерски потенцијал. Филмовите и наградите, распоредени пропорционално во целата нејзина тридецениска кариера се само дел од приказната. Бројката е исклучителна, 58 филмови, 28 награди од буквално сите фестивали кои значат во светот на филмот, Кан, Венеција, Берлин, а меѓу нив и Оскар за најдобра споредна улога во „Англискиот пациент“, од 1996 година, филм на Ентони Мингела.

Но, имајќи ја шансата да остане и да снима исклучиво во жариштето на филмската индустрија, одбира да се врати дома со „Алис и Мартин“ од 1998 на Андре Ташине. Не е прв пат, Бинош да му одолее на Холивуд. Во 1993 година го одбива Стивен Спилберг за улога во „Паркот Јура“, за да може да ја толкува носечката улога на Жули во „Три бои: Сино“ на Кишловски.

Втората оскаровска номинација, овој пат за главна актерка е во светскиот мега-хит на режисерот Ласе Халстром од 2000 година, „Чоколадо“. Во тандем со Џони Деп на екранот, за оваа прекрасна романтична сторија, Бинош стана прв двоен носител на Европската филмска награда за најдобра актерка. „Европскиот Оскар“, прв пат го освои во 1991 година со „Љубовниците на мостот“, филм на Леос Каракс.

Освен по својата исклучителна харизма и креативна супериорност оваа актерка е позната и по тоа дека снима филмови со автори од различни меридијани како Јапонецот Нобуро Сува („Плоштад победа“), Аргентинецот Сантијаго Амирогена („Неколку денови во септември“) и многу други.

Во почетокот на кариерата играла со најголемите француски и европски актери, а подоцна и со Ричард Гир („Времето на пчелите“) од 2004 година, со Семјуел Л. Џексон („Во мојата земја“) од 2004 година, но и со Форест Витакер, Марион Котилард, Ал Пачино, Ченинг Тејтум, Реј Лиота, Роберт Патинсон и многу други.

Честопати во кариерата толкува улоги на сериозна жена исправена пред уште потешки проблеми во животот. Но, прифаќа и комични ликови, најчесто во романтични комедии.

И без оглед  какви оцени добиваат филмовите во кои се појавува, речиси без исклучок, Бинош е омилената актерка на сите филмски критичари.

Не само на платното, туку и во театарот е неприкосновена со бројни улоги во големите метрополи. Во 2008 година, трагајќи по следни предизвици ги покажува и своите танчарски можности во проектот „Во-мене’ со потврдениот кореограф Акрам Кан, стекнувајќи ласкави оценки за изведбата.

Им помага на децата од светот, бидејќи е кума на девет сираци од Камбоџа, финансирала градба на дом за деца без родители преку добротворната организација „Децата на Азија“. Социјално ангажирана е преку „Новинари без граници“, а кога е политички активна, ги брани ставовите што смета дека треба да ги брани, како барањето да се ослободи притворениот ирански режисер Јафар Панахи.

На крај ни останува ништо друго освен да дојдете и да бидете дел од годинешното издание на „Браќа Манаки“ кој ќе се одржи од 13-ти до 19-ти септември и да си дозволите да патување кон ѕвездите.

Објавено:
9 септември 2014
Категорија: 
Култура