Сè е подготвено за деветиот МАРС

9 ноември 2016

Деветото издание на Македонскиот радиски фестивал е закажано за 21-ви ноември, во салата на Македонска опера и балет, беше соопштено на денешната прес-конференција одржана во конгресниот центар „Александар Македонски“.

И покрај потешкотиите со актуелната состојба околу ЗАМП и македонската музичка сцена генерално, организаторите решија да ја одржат традицијата.

Најпопуларните радиски хитови за оваа година имаа шанса да ги одберат 40-тина радиостаници ширум Македонија. Од 500 селектирани песни, на денешната прес-конференција беше соопштен финалниот избор од 12 песни, кои ги избра 12-члено жири составено од претставници на исто толку радио станици од Македонија, а за кои публиката ќе има можност да гласа до следната среда напладне.

Сите што сакаат да учестувуваат во гласањето, потребно е да отидат на фејсбук страната на МАРС и да стават лајк на песната за која сметаат дека треба да биде прогласена за најслушана од страна на публиката. Организаторите потенцираат дека се одлучиле за таков пристап од неколку причини – транспарентноста, како и едноставноста на гласањето и намалената можност за манипулации.

На годинешното девето издание, публиката ќе има можност да ги види Влатко Илиевски, ДНК, Наташа Малинкова, Влатко Лозаноски, Магдалена Цветковска, Елена Ристеска, Александар Тарабунов, Пепа Димитрова.

Наградата „Трајни вредности“, за особени заслуги во афирмацијата и популаризацијата на македонската музика оваа година ќе му биде доделена на Џина Папас Џокси. Покрај тоа, ќе бидат доделени и наградите  „Ѕвезда што се раѓа" и неа ќе ја добие едно младо музичко име во Македонија кое имало најголем напредок во кариерата во тековната година – Елена Миленкоска,  „Фестивалски асови" за најнаградувана фестивалска песна, наградата за најдобра поп песна со фолк или етно мотиви, партнерство за хит ... итн.

На сцената на МОБ, ќе се појават и две специјални гостинки. Се работи за Наташа Беквалац и Гоца Тржан. И двете како мошне популарни во нашата земја, пред македонската публика ќе изведат дел од новиот репертоар.

Новитет на ова издание е износот на наградите.

 

-Досега освен паричните награди,, изведувачот со радискиот хит на годината досега добиваше и шанса за концерт во „Универзална сала“, односно конгресен центар „Александар Македонски“. Со оглед на тоа дека истата е во процес на реновирање, сите што досега ја добиле, а не ја реализирале од оваа причина, ќе можат да го сторат тоа веднаш по нејзиното пуштање во употреба. Од истата причина одлучивме годинава средствата за концертот да ги распределиме меѓу учесниците, така што не само што ги зголемивме наградите за 20 проценти, туку и направивме секој од 12-те изведувачи да добие одреден паричен износ. Знаеме дека ова не се големи суми, но веруваме дека се сепак стимуланс и мотив за понатамошна работа на изведувачите – изјави Антонио Димитриевски, кој стои зад проектот.

Така, првата награда за асполутен радиски хит годинава наместо 60.000 ќе изнесува 72.000 денари. Изведувачот на песната што ќе биде избрана од публиката, преку фејсбук гласањето ќе добие наградат од 36.000 денари (наместо досегашните 30.000 денари).

Наградата за најдобар текст која до лани изнесуваше 10.000 денари, сега ќе изнесува 18.000 денари, а секој од изведувачите на 21-ви ноември, покрај статуетките ќе добијат и 12.000 денари.

Водители на манифестацијата ќе бидат естрадно-новинарските имиња Слободанка Илиева и Марина Костова.

Од денес, билетите се пуштени во продажба и тоа на билетарата на конгресен центар „Александар Македонски“ и билетарата на МОБ, а цената изнесува 300 денари.

Органзаторите потенцираат дека доколку забраната од ЗАМП за емитување во радио и ТВ етерот на домашна музика биде симната, односно престане да важи, МАРС 2016 како и до сега ќе оди со директен ТВ пренос проследен на МТВ1. Во спротивно, националниот сервис само ќе ја снима манифестацијата, а кога ќе се создадат услови и можности, истата одложно ќе ја емитува на своите програми.

Објавено:
9 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
395 пати