Сен Тропе - медитерански рај на кој никој не може да му одолее

11 јуни 2019

Во 1990-тите на малите екрани во Македонија се емитуваше серија која кај нас ја преведуваа „Сен Тропе“, а оригиналниот наслов гласеше „Sous le soleil“, односно „Под сонцето“.

Тогаш дел од нас за првпат можеа да видат како изгледа овој прекрасен приморски град на француската ривиера, кој уште го нарекуваат и бисерот на азурната обала.

Нè привлекуваше убавото море, сонце, убавите луѓе... И денес Сен Тропе важи за едно од најпривлечните туристички места.

Всушност за популаризирањето благодарност може да ѝ се упати на Брижит Бардо. Таа уште во 50-тите и 60-тите години од минатиот век била чест посетител на ова рибарско гратче и придонела очите на јавноста да се свртат кон него, а тој интерес трае до денес.

Прекрасна обала, а од околу ридасти предели, монументална архитектура, прекрасни домашни вина, живописни плоштатчиња се само дел од нештата што го прават Сен Тропе прекрасен.

Во него живеат околу 5.000 луѓе, а годишно го посетуваат речиси пет милиони туристи. Низ годините, Сен Тропе стана и омиленото место на богатите луѓе ширум светот, но не дека не го посетуваат и други обожаватели на азурната обала.

byblos

Едно од најпосетените места во Сен Тропе е хотелот „Byblos“, а токму овде Мик Џегер ја запроси својата сакана Бјанка, што уште повеќе придонесе за неговата популарност.

Околу Сен Тропе има бројни мали села кои вреди да се посетат - со фантастична архитектура, тесни улички богати со цвеќе, убави цркви, лозја и неверојатен поглед на море - тие претставуваат уживање за сите сетила.

На заливот Пампелоне пак, се наоѓаат најубавите плажи - Ники и Тахити. Просторот со плажи е долг околу 5 километри, а посебно популарна е и кантината „Клуб 55“, која се користела и за време на снимањето на филмот „И Бог ја создаде жената“, па помеѓу сетовите Брижит Бардо се одморала токму тука. Ескарлет плажата пак е идеална за оние што сакаат семеен одмор. Има можност за спортски активности, како и за нуркање, можете да изнајмите и кајак...

Ако одите во Сен Тропе тогаш не може да си заминете оттаму а да не го пробате локалниот десерт насловен како „Tarte Tropezienne“. За десертот велат дека е гордост на слаткарите и кралица меѓу десертите. Рецептот е дело на Александар Мицко од Полска, кој отворил пекара во Сен Тропе и го презентирал рецептот од неговата баба за крем торта. Ова бил омилениот десерт и на Брижит Бардо, а предложила дотогаш неименуваната торта од баба, да стане некој вид на бриош со крем и да се нарече Тарт Сен Тропе. Така, овој едноставен, но неверојатен десерт направен од јајца, путер, брашно и млеко го добил своето име. Во 1985 година Алберт Дурфен ја презема компанијата на Александар, но како и неговиот претходник, инсистира на одржувањето на рецепотот на тортата на која никој не може да ѝ одолее. Така, успева да го задржи стандардотот на квалитетот. Кремот со кој се полни тартот се прави во најголема дискреција и потребно е да сте врвен угостителски експерт за да можете да познаете од какви два други крема е сочинет.

Добра вест за љубителите на велосипедизмот е тоа што самиот град и околните места можете да ги посетите со велосипед. Спектакуларните ридови нудат фантастичен поглед на лозјата, луксузните вили, нудат единствено искуство. „Приморски пат“ пак е пешачка патека која почнува и се завршува во Сен Тропе, долга е неколку километри и тешко дека можете да се изгубите ако ја следите. 

Рондини е најдобрата продавница за рачно изработени сандали, која не смеете да ја пропуштите. Осумдесете години семејството Родини, ги создавало легендарните кожни сандали, а воедно тоа била првиот дуќан за обувки во Сен Тропе. Оваа продавница постои и денес и произведува сандали кои привлекуваат купувачи од целиот свет. Отворена е во 1927 години со единствениот модел, а потоа тоа се преточи во успешен бизнис и мноштво модели. Од овде купувала и легендарната Марлен Дитрих.

Списокот на убавини што можете да ги видите во Сен Тропе е долг, но она што е сигурно е дека овој медитерански рај нема да ве остави рамнодушни.

Објавено:
11 јуни 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
663 пати