Шарената страна на Италија: Бурано - град на тантелата и совршените фотографии

11 април 2019

Во пресрет на слободните денови за велигденските празници, ви презентираме едно фантастично место каде што би можеле да отпатувате и да си поминете незаборавно.

Бурано е островски град, кој го нарекуваат и најшарениот град во Европа. Ако одите накај Венеција, не го пропуштајте, бидејќи е оддалечен само седум километри од Венеција. Од Бурано до плоштадот Свети Марко се пристигнува со воден автобус за 40 минути.

Местото е населено од околу 2.800 жители и е поделено на четири населби, кои всушност се мали истровчиња, поврзани со канали.

Бурано го нарекуваат фотографски рај, па затоа е посебно омилен меѓу блогерите и љубителите на фотографијата. Исто така, овој дел од Италија е познат по создавањето на раскошна тантела, која се изработува рачно. Жените од островот се експерти во работењето тантела, уште од четиринаесеттиот век, а откако Леонардо да Винчи од нив ја купил ткаенината која е користена на олтарот кој се наоѓа во магичната градба Дуомо во Милано, станале исклучително познати.

Интересно е што никој со сигурност не може да каже зошто куќите во Бурано се обоени шарено, меѓутоа според една приказна, кога рибарите во минатото се враќале дома, поради маглата тие не можеле да ги препознаат своите домови, па оттогаш започнале истите да ги бојат во најразлични бои, за куќите да бидат видливи уште од морето.

Веќе со векови секое семејство во Бурано има своја "заштитна боја" на куќа, а денес доколку некој сака да го обои својот дом, тој мора да испрати барање до владата, која што ќе му одреди која боја смее да ја користи.

Ова се само дел од убавините на кои ќе наидете доколку го посетите ова фантастично и позитивно место. На тоа додадете ја превкусната риба и ресторани, а имајќи го сето ова предвид, сигурни сме дека макар малку ве заинтригира овој текст и го ставивте Бурано на својата листа за патување.

 

фото извор: housebeautiful.com; huffpost.com; all4prints.com; theworldisabook.com; theworldisabook.com; kanani.com;

Објавено:
11 април 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
509 пати