Што да очекуваме од седмото издание на Недела на дизајнот во Скопје?

17 ноември 2017

"Звукот на материјалите" е темата на седмото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week) што се отвора на 22 ноември во Јавна соба. На најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии на регионот, до 26 ноември ќе се одвиваат пет програмски целини на чело со две големи изложби и првата обука за дизајнерско размислување за деца.

"Годинешната програма е посветена на промоцијата на достапните материјали и технологии во регионов, што треба да бидат основа за развој на нови производи. На Балканот, кој сѐ уште изобилува со природни ресурси што може да се обработуваат за релативно ниски цени, правилната употреба и одново користење на материјалите и постоечките технологии може да им овозможат на дизајнерите револуционерни решенија", велат организаторите за суштината на темата "Зукот на материјалите".

Меѓународната изложба ЕКСПО зона (EXPO) годинава ја сочинува микс од 15 етаблирани но и млади и брендови, студентски проекти и иновации.

Земја во фокусот е Унгарија, а на изложбата "Обликување на Унгарија - дизајнот во 21. Век" во Јавна соба ќе се претстават 25 современи млади индустриски дизајнери, инoватори и инженери, кои на најдобар начин потврдуваат дека се потомци на генерацијата од 20. век која ги постави темелите на унгарската креативност.

Настапите на бендот на џез пијанистот Васил Хаџиманов и на триото на Георги Шарески ќе ја одбележат досега најдобрата музичка програма на Недела на дизајнот, а концерти ќе имаат унгарскиот "Михаљи Борбељи Балкан џез проект", српските "Кило Кило Банда" и "Артан Лили" и диџеите, кои ќе свират секоја вечер на приземјето и на поткровјето на Јавна соба, Алек Сотиров, Флудер, Александар Мисковски и Фреки Фарис.

На 23 ноември во Јавна соба, во популарната кулинарска програма, перформанс ќе има војводинскиот шеф Мирко Веселиновиќ, кој ќе зготви 80 порции од традиционалниот војводински свински паприкаш, а ќе се дегустира и неговата прочуена ракија од кајсија и круша.

Објавено:
17 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
45 пати