Што значи добро уреден стан?

18 ноември 2014

Чувството за комбинирање на мебел, материјали и бои е мошне комплексна работа, но сепак една од клучните за создавање на убав и функционален простор. Добро уреден простор не значи нужно и скап и луксузен мебел. Многу е поважно да се обезбеди убава домашна атмосфера, хармонија на сите елементи во просторот, за што не секогаш ви се потребни многу големи средства.

Доколку сметате дека не можете се сами, архитектите се тие што можат да ви помогнат. Освен што се занимаваат со проектантски градежни работи, архитектите се занимаваат и со проектирање на внатрешен простор и уредување.

Во денешниот свет, сè е подредено на потребите на човекот, па така треба да е и во оваа гранка. Човекот, односно семејството е основна единица за организација на секој простор, а архитектот е личност која тој простор мора функционално и естетски да го прилагоди на животните потреби на заедницата.

*Кога да побарате стручна помош?

Луѓето најчесто бараат стручна помош кога се одлучуваат за адаптација на стан и тоа во следните ситуации:

-Кога се купува стар стан, кој сакаат комплетно да го уредат според своите желби и потреби

-при купување на новоградба, кога домот за првпат треба да се уреди

-кога имаат потреба од дополнителен простор

-кога сакаат функционален, луксузен и репрезентативен стан

*Но, што всушност значи добро уреден стан?

Добро уреден стан пред се' е онoј кој  се одликува со добра просторна организација, фунционалност, чуство на естетика и квалитет .

При дизајнирањето на еден простoр  стручните лица треба да се водат од желбите на сопствениците. Секој има посебен стил на живеење, индивидуалност и барања. Исто така и секој архитект и дизајнер имаат свој стил на работа, но при осмислување на некој ентериер, треба да се знаат точните потреби на сопствениците – вели архитектката Марија Петровска, дел од тимот на Elena Luka Home.

Таа додава дека умешноста е во тоа да се успее да се одговори на нивните барања, но во исто време да се да се запазат основните правила при уредување .

-Ова е многу одговорна работа, бидејќи со осмислувањето на нивниот дом, го осмислуваш и нивниот начин на живот. Тоа е многу важно. Токму затоа, треба да се  создаде простор кој самите клиенти ќе го чуствуваат како свој односно, како место каде припаѓаат  – вели Петровска.

На прашањето, од што прво треба да се започне во процесот на уредување на еден простор, Марија вели дека строги правила не постојат.

-Најпрвин се започнува со разговор клиентите, со запознавање на нивниот стил на живеење и желбите за нивниот дом од соништата. Потоа, следува добра  опсервација на просторот, на неговата форма, ориентација, површина, се' со цел  да се осмисли  максимално функционално решение.

10460205_1534440203456994_1421742171131616999_n

А за тоа кои се најчестите желби на клиентите, а со тоа и трендови при уредувањето на просторот за живеење, Петровска објаснува:

-Најчесто семејствата одбираат класични нијанси  кои секогаш се сигурен избор за домот да изгледа топло и удобно. Но, исто така, морам да забележам дека сè почесто се бираат и смели ентериери, со големи контрасти, употреба на потемни бои...Она што би го издвоила како тренд е, спојот на индустриски дизајн со класични елементи. Можат да се постигнат многу креативни решенија со употреба на различни материјали и според мене многу е добро кога се користат стари елементи со некои ултра модернистички, ефект кој во последно време е посебно „ин“.

За оние што имаат мали станови, остануваат оние „правила“ за користење на светли бои што ќе го прошират просторот, како и огледалните површини.

-Во малите простори добро е да има фокусни точки, со што просторот нема да биде монотон, а токму тие ќе внесат живот, ќе го привлекуваат вниманието, давајќи  специфичен изглед  – советува архитектката на Elena Luka Home.

Објавено:
18 ноември 2014
Категорија: 
Култура