Скопје како „Затемнетиот град“ низ призма на Ерина Богоева

31 октомври 2017

Музејот на современа уметност беше местото каде неодамна младата фотографка Ерина Богоева ја претстави својата четврта самостојна изложба насловена како „Затемнетиот град“.

Присутните имаа можност да уживаат во еден поинаков поглед на градот низ кој секојдневно се движат или да добијат поинаква претстава за Скопје кое можеби не го гледаат често.

-Многу сум задоволна од крајниот резултат, се надевам дека и луѓето што ја погледнаа го делат чувството. Инспирацијата ја најдов во урбанизмот во Скопје, од една моја случајна средба во 2012 година, кога сфатив дека странци доаѓаат да го гледаат урабнизмот, а ние забораваме дека живееме во него. Оттогаш и јас почнав повеќе да му обрнувам внимание - вели Богоева.

На изложбата беа претставени 19 дела, а Ерина не крие дека секоја нова изложба за неа е нов предизвик од повеќе аспекти. 

извор: Фејсбук

- Со секоја нова изложба учам како е да се работи во Македонија, со сите добри и лоши страни. Уметнички се надградувам, но и како човек и како професионалец. Така што, секоја нова изложба носи нови искуства, но и нови работи и предизвици за учење.

Во план е „Затемнетиот град“ да прошета и низ Македонија, нешто што Ерина посебно го посакува и работи на тоа. 

Инаку, изложбата е дел од поширок истражувачко-фотографски проект кој треба и понатаму да ја следи архитектонската скулптура на територијата на Р.Македонија. Исто така, изложбата е дел од „Нов културен бран 2017" помогнато од Министерството за култура на Македонија.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата:

Објавено:
31 октомври 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
247 пати