„Скопје стрит фестивал“ – настан што го креираат младите

3 јуни 2015

Skopje street festival 1

Доколку размислувате што да правите викендов, присуството на третото издание на „Скопје стрит фестивал“ е одлична идеја.  Андерграунд легендата од Лондон ЛТЏ Букем (LTJ Bukem), српската рап хит-машина „Бед копи“, реномираниот македонски диџеј Гоце САФ и домашното инди-поп трио „Џун“ се само дел од изведувачите кои ќе настапат на 5 и 6 јуни во Градскиот парк.

Ќе бидат поставени шест бини, а со оглед на тоа дека влезот за сите настани ќе биде отворен, можете да го проследите сè она што ќе ви привлече внимание.

Со цел да го разбудат урбаниот пулс во главниот град, организаторите, Здружението на граѓани „Подиум Скопје“ се потруди да обезбеди забава за сите вкусови.

- „Скопје стрит фестивал“ праќа порака на обединетост и има за цел да ги оттргне младите од наметнатото секојдневие кое ги задушува и да ги повика во Градскиот парк на забава и едукација. Одличните креативни работилници се уште еден сегмент кој го прави овој фестивал поразличен од останатите. Тие се отворени и се креирани токму од секојдневната инспирација која доаѓа од улицата. Ќе има брејкденс работилница, „Дојди на Custom патика“, мултикулти-работилница и тоа се само дел од интерактивните работилници на фестивалот – изјавија организаторите на денешната прес-конференција.

Skopje street festival

Програмата ќе биде распределена на шест бини и тоа: стрит бол, денс стејџ, графити стејџ, скејт/блејд/БМХ, игло работилници и музички стејџ. Ќе се организираат натпревари на стрит бол и на денс стејџот како и несекојдневна графити битка. За првпат во Скопје ќе се одржи и отворен „Скопје стрит џем“ (Skopje Street Jam), за кој има огромен интерес и од другите земји околу Македонија. Учесници ќе има од Србија, Косово, Албанија и Хрватска, со што фестивалот добива и регионален карактер.

-Во ова време кога младите сè повеќе живеат во виртуелен свет, сакаме да ги разбудиме, нивната креативност. Сакаме повторно да бидат дел од урбаниот живот, а една од целите и убавините на фестивалот е што токму младите се дел од неговото креирање. Така ќе биде и овој пат, а се надеваме и секој нареден! – истакнаа организаторите.

На главниот музички стејџ ќе настапат: „Бед копи“ од Србија, нашиот прогресивен инди поп и кантри бенд „Џун“, Ана Мало и Еми Ермилова, Гоце САФ, Димитри фром Чаир, Чваре и Ya’Man. Скопјани ќе имаат и можност под отворено небо да го проследат концертот на андерграунг легендата во драмендбејс музиката, продуцентот и диџеј ЛТЏ Букем (LTJ Bukem) кој ќе настапи заедно со емси Стамина (MC Stamina). На фестивалот ќе има фуд-корнер и шанкови каде посетителите ќе може да се освежат.

Повеќе информации можете да најдете и на фан-страната на фестивалот на „фејсбук“ или на веб-страната www.ssf.mk.

Објавено:
3 јуни 2015
Категорија: 
Култура