„Скопски фестивал 2015“ во знакот на Славе Димитров

13 ноември 2015

Годинешното издание на „Скопски фестивал“, што се одржа вчеравечер во „Метрополис арената“ помина во знакот на ревијалниот дел. Не само поради фактот дека последните впечатоци се најсвежи и најсилни, туку и поради тоа што имаше навистина што да се слушне.

Елена Ристеска

Елена Ристеска и Тамара Тодевска ја забавуваа публиката додека траеше гласањето. Секоја од нив отпеја неколку од нивните најголеми хитови. Елена одлучи да се појави во бел, долг фустан, додека изборот на Тамара беше кадифена бордо тоалета, но мора да се признае дека најголем впечаток оставија нивните интерпретации.

Тамара Тодевска

Сепак, најемотивен момент на годинешното издание на овој фестивал за забавна македонска музика беше доделувањето на „Наградата за животно дело“, која му припадна на композиторот Славе Димитров. Изведбата на Маја Саздановска, Олгица Христовска и Виолета Томовска на легендарната „Во светот на бајките“, а компонирана токму од Димитров, на која се приклучија и Тамара и Елена, па и самиот композитор, предизвика емоции кај сите пристуни и нè врати во денови исполнети со безгрижност и топлина.

-Ова е мошне емотивен момент за мене. Му благодарам на моето семејство и на „Скопски фестивал“ што одлучи оваа награда да ми ја врачи токму мене. Навистина сум почестен и возбуден - изјави Димитров, кој не можеше да ги сокрие емоциите.

Славе Димитров

И додека од една страна со Димитров се потсетивме на дел од најубавите македонски забавни мелодии некогаш испеани на „Скопски фестивал“ и воопшто на македонската музичка сцена, од друга страна беа, во главно, младите, нови генерации кои се бореа што подобро да се претстават и да остават своја трага во историјата на фестивалот и музиката.

Васил Зафирчев

Некои тоа го направија успешно, некои помалку, но на крајот, домаќинот и на ова издание на фестивалот, Васил Зафирчев, ги соопшти впечатоците на публиката и жири комисијата. Првото место го освои групата „Eye Cue“, второто место ѝ припадна на младата Симона Поповска, додека третата награда отиде во рацете на Сара Мејс. Џокси, иако не зема награда, можеби ја имаше и најдобро осмислената сценска приказна.

Кога е модата во прашање, имаше од сè по нешто, што е и добро. Виктор Апостоловски, кој и го отвори фестивалот, се одлучи за црна,тренди комбинација составена од сако, маица, панталони и чизми, која одлично му прилегаше на годините.

Виктор Апостолов

Александар Тарабунов остана доследен на својот стил, што подразбира и рок-носта, па црната кожена јакна со црвени патенти, маица со принт и џинс за него беа добра и веќе проверена комбинација. Најмногу изненади Александар Белов. Белото одело во комбинација со кошула во зелена нијанса и црвена сатенска трака, не беше добар избор за младиот пејач. Добивме впечаток како да е излезен од временска машина. Со сличен впечаток бевме и за Влатко Илиевски, чие сако ни беше дежа - ву.

Александар Белов

Влатко Илиевски

Од друга страна, црниот светкав комбинезон со еден бел ракав што го носеше поубавата половина од групата Eye Cue, ни го привлече вниманието. Модерно и младешки. За светкава варијанта се одлучи и младата Симона Поповска, додека Елена Петреска одеше на сигурно, со црна долга тоалета.

Маја Вукичевиќ е секогаш впечатлива на сцена, а овој пат одбра фустан со корсетска изведба и широко здолниште, со што потсети на модата од 18-тиот век. Сара Мејс пак, се одлучи за народна носија, под која потоа го покажа и свечениот бел фустан со монистра.

Маја Вукичевиќ

Сара Мејс

Генералниот впечаток е дека секогаш може подобро. Магијата што ја има „Скопски фестивал“ со оркестар во живо е единствено доживување и нешто што ниту еден друг фестивал на забавни мелодии го нема.Затоа е и еден од омилените на многумина. Она што можеби е најголемата сугестија на публиката е местото на одржување. „Метрополис“ арената ја нема атмосферата што ја има, да речеме МОБ, каде што се одржа фестивалот пред две години. На многумина им недостасува јасниот поглед кон сцената и топлината што ја носи со себе сцената таму.

Исто така, ваквите манифестации секогаш го поттикнуваат прашањето, треба ли на фестивали, каков што е „Скопски“ изведувачите (а и публиката) да се појавуваат во комбинација што ја носат секој ден, или за излегување. Веројатно еден од првите одговори би бил дека толку ни се можностите.

Сепак, кога некој ќе одлучи да се занимава со сценска и јавна работа, треба да вложува. Сцената трпи многу. Нуди можност да понесете нешто што можеби никогаш сте немале храброст или можност. Но, од друга страна, не значи дека и „арт“ комбинациите или стајлинг како од претстава се вистинскиот избор. На крајот, секогаш постојат стручни лица, расположени за совети. А, коментари секогаш ќе има. И добро е да има.

Во продолжение погледнете ја целосната галерија:

Објавено:
13 ноември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.235 пати