Славиме 10 години „Излет“, па „шизиме“ во летниот Сектор 909

29 мај 2019

На 31 – ви мај култното кафуле Излет ќе прослави неверојатни 10 години постоење со голема прослава со странски артисти, а истата вечер ќе биде отворен и летниот клуб Сектор 909 на големо воодушевување на скопјани.

Овие два настани беа повод да поразговараме со човекот кој години наназад вложува напор клупскиот живот во Скопје да ги задржи достоинствените стандарди и постојано се труди да ја збогати музичката агенда – Огнен Узуновски Оги.

„Десет години Излет мене ми звучат прилично многу. Оваа измината деценија изобилува со различни чувства и луѓе, инакви доживувања, различни приказни... Преку цела оваа симбиоза на искуства, Излет стана урбан симбол на Скопје. Годишнината на Излет ќе ја прославиме со настап на холандската легенда San Proper (Сан Пропер), Узун Баба, Ulterior, Сашо Узун и Bruv... Уживање во различни музички жанрови. Прославата ќе почне во 17 часот и ќе трае се до 01 часот по полноќ“...

Изминатите 10 години во Излет се имаат случено многу прекрасни работи, почнувајќи од секојдневни „седенки“, сериозно добри настапи, изложби, промоции.

„Пред моите очи гледав како се менуваат генерации, а повеќето од нив заслужуваат сериозно внимание и некако ти се полни душата и веруваш дека не е се изгубено, дека има надеж... Низ годините Излет има претставено многу изложби, промоции на книги, има организирано многу конференции за печат, досега имаат настапено голем број домашни и странски артисти“...

По завршувањето на прославата во Излет, сите присутни се „селат“ во летниот клуб Сектор 909 каде ќе биде означен и официјалниот старт на летната клупска сезона.

„Тој ден е посветен на целодневна забава. После Излет сите се селиме во летниот клуб Сектор 909, нè очекува повеќе од интересна варијанта, бидејќи истата ноќ покрај отворањето ќе прославиме и една година од Оубли ( Oubli) промотерската куќа, која се има претставено со своите забави и нивните видео стриминзи... Уште од нивното појавување ја препознавме убавата енергија за остварување меѓусебна соработка. Инаку, на отворањето во Сектор 909 ќе настапат Dj UX (Oubli), Soul Case ( Oubli) , Air Bear (Seoul, South Korea) и Lipelis (Moskva, Russia)“.

Тој најавува спектакуларно лето со богата музичка програма и артисти кои вреди да се погледнат.

„Ова лето е специјално од повеќе причини, сигурно нема да ги откријам сите (се смее). Сепак, дел од артистите што следат по отварањето на Сектор 909 се: на 7 - ми јуни настапува Henrik Shwarz (Хенрик Шварц) од Берлин-Германија, на 12 - ти јуни Џијан Емин- Квартет, на 13 - ти истиот месец славниот Derrick May (Дерик Меј) од Детроит-САД... Ова се сериозни забави во најава, кои ќе го покажат вистинскиот сјај на публиката, сцената и Скопје“.

За крај, на прашањето што е она што го прави Сектор посебен и поинаков од останатите клубови, Узуновски вели:

„Сектор 909 секогаш се труди и успева да остане оригинален со претствување на различни музички жанрови, на еминентни артисти од целиот свет, на домашни артисти и бендови, квалитетен звук и разни декорации. Покрај сите овие претставувања би сакал да кажам дека оваа година Сектор 909, нема да биде само летен и зимски клуб, туку ќе започне со работа и на својот нов музички label (лејбел). Прво издание за Сектор 909 ќе има Јоханес Волк (Johannes Volk) артист од Германија, кој веќе има настапувано неколку пати во Сектор 909, следат Нино Шебелиќ од Србија, Роберто Боско Италија и многу многу други странски и домашни артисти. Се гледаме на подиум, но не да муабетиме, туку да шизиме (се смее).

Објавено:
29 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
352 пати