„Сонливи приказни“ - книга за деца и возрасни, за вредности и живот без предрасуди

14 мај 2019

Саемот на книгата завршува денеска и пред да ги сумираме впечатоците од ова издание, ќе ви го свртиме вниманието кон едно ново дело. 

Ако во неделата околу пладне бевте во „Борис Трајковски“, сигурни сме дека сте забележале голем број радосни дечиња, некои од нив со маски на главите, некои пак дојдени за поддршка, но сите одлично расположени. 

Тие беа дел од промоцијата на нова книга за деца, насловена како „Сонливи приказни од тајната шума“ од младата авторка Алма Растодер. Промоција каква што и доликува - со детски џагор и смеа, каде главните се токму тие за кои е и наменета - децата. 

Насловот пак на нашиот текст е само дел од она што ја прави оваа книга вредна за внимание.

Се работи за книга раскази во кои протагонисти се две дечиња, братче и сестриче, Хана и Таро, а нивните најдобри пријатели се животните од шумата. 

Авторката прави комбинација на реалноста и постоењето на нивните мали, а сепак толку големи проблеми, со фиктивноста (волшебната шума) која лесно ја восприемат и каде го согледуваат решението. 

„Од секојдневни ситуации, тие одеднаш се наоѓаат во волшебната шума каде преку фантастични случки, ги решаваат своите детски проблеми и прашања. Од тие случки извлекуваат поуки кои важат за сите дечиња и им се блиски за периодот кога растат и се развиваат. Во волшебната шума најдобри другари им стануваат животните, со кои доживувањата стануваат поинтересни“, ни објасни Растодер.

И покрај тоа што се комуницира како книга за деца, ова дело е и четиво за родителите. Во ова брзо време, денешница во која родителите и немаат време да им посветат внимание на своите деца, Алма преку еден нежен раскажувачки тон, токму во фокус ги става семејните вредности и воопшто вредностите кои треба да бидат темел, особено во процесот и преминот кон возрасни личности, љубовта, другарството...

„Генерално, расказите и поуките извлечени од нив лесно можат да бидат искористени од родителите, кои преку читањето на децата или прераскажувањето на приказните, можат да им укажат на вредностите што едно дете треба да ги има. Целта ми е да ја потенцирам едукацијата со вредности и без предрасуди. Братчето и сестричката сите настани ги доживуваат заедно, така што со расказите се потенцира вредноста на семејството. Потенцирана е љубовта која треба да ја имаат, прво, кон родителите, братчето и сестричката, па потоа и кон животните и околината“, вели авторката.

Инаку, оваа книга е всушност 3 во 1 - покрај македонскиот, расказите ги има и на босански, односно албански јазик.

„Во расказите е потенцирано дека децата не треба да имаат предрасуди за другиот, што е различен. Токму затоа расказите се преведени на босански и на албански јазик, за децата и на тој начин да можат да ги прочитаат истите раскази и на друг јазик и да се запознаат со тоа што ги разликува од другите дечиња со кои во секојдневието се сретнуваат, учат или си играат. Расказите ги учат децата да споделуваат, да не се навредуваат, да го ценат тоа што го имаат и им го даваат родителите, да ги почитуваат навиките за спиење, редовно јадење и сл. Од расказите и родителите и децата учат како да се надминат секојдневните „потешкотии" со кои се соочуваат при развојот и растењето“, потенцира Алма.

Инаку, освен приказните, во книгата има и неколку песнички, тематски поврзани со расказите.

„Тие меѓусебно се дополнуваат и даваат една поинаква енергија и доживување на тоа што веќе го прочитале во приказните. Лесно се помнат и можат да станат дел од нивната ризница на научени детски песнички. Песничките испеани на различни јазици можат да станат нишка која ќе ги поврзува децата од различни етникуми. Приказните пак, се новото волшебно место каде сите еднакво може да чувствуваат, фантазираат и да учат за пријателството и еднаквоста“, вели авторката.

Инаку, ова дело е искрено и такво во кое може да се препознаат и големите и малите, бидејќи се инспирирани од лично искуство. Како мајка, Алма сфатила дека она што го доживуваат децата во реалноста и фиктивниот свет можат да бидат совршени соработници:

„При воспитувањето на моето дете, во секојдневните ситуации кога одбиваше да јаде тоа што му е зготвено, кога не сакаше да споделува со другите, му раскажував едноставни приказни со јасна порака што треба да ја научи и видов дека навистина тоа ми успеваше. Имаше ситуации кога само ќе спомев што прави ликот од расказите и ќеркичката веднаш ќе се сетеше што треба да направи.Тоа и ме поттикна да ги напишам расказите“.

Инаку, четивото е достапно и на Браево писмо, што го прави уште позначајно:

„Преводот и адаптацијата на Браево писмо следуваше од моето размислување дека сите деца се посебни, сонуваат, сакаат и сакаат да бидат сакани и вреднувани и да растат без предрасуди. Адаптацијата на Браево писмо е поддржана од Програмата на УСАИД и ЛЦИФ за децата со пречки во видот кој се имплементира од Универзитетот на Југоисточна Европа. На промоцијата рецитираа една иста песничка на сите три јазици која ја носи токму пораката за детското пријателство дека под едно сонце сите исти сме, а децата од уметничкото училиште „Тинтири Минтири“ имаа претстава базирана на првиот расказ од книгата“, рече Растодер, а на што и самите посведочивме. 

На крајот, ова дело е значајно и за Алма како млад автор, дипломиран филолог-компаратист, но и за македонската книжевна сцена, каде детската литература допрва ќе се буди, но и за читателите кои ќе бидат побогати за уште едно искуство.

Книгата е во издаваштво на „Едука.мк“, па доколку планирате да го посетите Саемот денеска, ова е шанса и одблиску да се запознаете со Хана, Таро и да дозволите сонливите приказни за сплотеност, соживот, љубов и топлина да ви измамат насмевка.

Објавено:
14 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
154 пати