Стинг доаѓа во Скопје!

29 мај 2017

„Авалон продукција“ ја започна неделата со убави вести - Стинг доаѓа во Скопје. 

Во рамките на големата светска турнеја „57th & 9th“ по повод истоимениот албум, на 15-ти октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, концерт ќе одржи едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња- СТИНГ!

Стинг заедно со „Ролинг Стоунс“, Брус Спрингстин, „U2“, „Депеш Мод“, „Колдплеј“…, е претставник на таканаречената А листа на артисти од областа на рок музиката.

Музичарот е веќе на промотивна светска турнеја од февруари годинава, во која ги опфаќа сите континенти.

Дел од летото му е резервирано за Европа, а на почетокот на септември настапува во Јужна Америка, додека во Европа повторно се враќа со серија на концерти од средината на септември до крајот на октомври.

На оваа турнеја, Стинг свири неколку песни од навистина извонредниот нов албум, како и најголемите хитови од неговата соло кариера: „Fragile“, „Desert Rose“, „Fields of Gold“…, како и од времето на легендарната група „The Police“: „Message in the bottle“, „Walking on the moon“, „Every breath you take“…

На сцената ќе биде придружуван од  како и секогаш со најпознати и најквалитетни светски музичари: Доминик Милер (гитара), Џош Фрис (тапани), Руфус Милер (гитара). Kако специјален гостин во Скопје, како и на целата турнеја, со свое шоу пред настапот на Стинг, ќе настапи и Џо Самнер.

Инаку, „Авалон Продукција“ го потврди концертот на познатиот музичар во Скопје на 05-ти мај, а според инструкциите на менаџментот на Стинг, како ден за објава на ова шоу е одбран токму денешниот ден. 

Сите информации поврзани околу продажбата на влезниците за овој навистина голем настан ќе бидат објавени вечерва во 20 часот.

„После повеќе од 200 концерти низ целиот Балкан, посебно нè радува фактот што сепак, врвот во досегашната работа на „Авалон“ ќе претставува концерт на Стинг на 15-ти октомври во нашата држава Македонија, во Скопје“, велат од продукцијата.

Објавено:
29 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.016 пати